• недела, 22 декември 2024

Грција се простува со Фофи Генимата, лидерката на Движење на промена (Фото)  

Грција се простува со Фофи Генимата, лидерката на Движење на промена (Фото)   
Атина, 27 октомври 2021 (МИА) – Со цвеќе в рака, стотици граѓани, но и политичкиот свет во Грција, денеска се простија со претседателката на централно левичарската партија Движење на промена Фофи Генимата, која во понеделникот на 57-годишна возраст почина, јави дописничката на МИА од Атина. Телото на Генимата, речиси четири часа беше изложено во Соборниот храм во Атина, а од рано утрово имаше редици граѓани, на сите возрасти, кои трпеливо чекаа за да ѝ оддадат почит на починатата. Денешниот ден, со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е ден на жалост во Грција, додека пак погребот на Генимата е со почести како министер на функција. Пред погребот се одржа комеморација во атинскиот Соборен храм, каде што освен сопругот, трите деца и членови на семејството на Генимата, присуствуваа и премиерот и претседателкта на Грција, претседателот на Парламентот, поранешни премиери на земјата, пратеници од Движење на промена, додека пак шефот на дипломатијата дојде заедно со надлежниот за надворешна политика од опозициската СИРИЗА. Меѓу присутните беше и поранешната министерка и пратеничка од Нова демократија Дора Бакојани, која од неодамна, исто како и Генимата, води своја битка со ракот. За животот и делото на лидерката на Движење на промена говореа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, но и децата на Генимата. Во шок и неверување, политичкиот свет, но и јавност во Грција, ја примија веста за смртта на лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата, а коментарите се идентични, дека замина голема жена- борец.   Претседателката на централно левичарската грчка партија ја загуби долгогодишната битка со ракот и почина претпладнево на 57- годишна возраст. Во 2008 година на Генимата ѝ беше дијагностициран рак на дојка и успешно се избори со болеста, а на 11 октомври беше хоспитализирана и како што тогаш соопштија од болницата, здравствени проблеми,се должеа на повторување на нејзината основна болест. Две седмици откако беше примена во болница, не успеа по втор пат да ја победи болеста и почина во понеделникот. Иако водеше долгогодишна битка со ракот, смртта на Генимата дојде ненадејно, со оглед на тоа дека очекувањата беа дека по хоспитализацијата, ќе биде пуштена на домашно лекување, но, здравствената состојба во неделата вечерта драстично ѝ се влошила. Битката со ракот, речиси целиот живот ја следеше Генимата. Нејзиниот татко, Јоргос Гениматас, еден од основачите на ПАСОК, почина во 1994 година, кога на 55 години ја загуби битката со ракот, само седум месеци по смртта на неговата сопруга и мајката на Фофи, која исто така почина од рак. ср/  Фото: МИА

Остани поврзан