• среда, 27 ноември 2024

Грција и Франција пред нов одбранбен договор за набавка на француски фрегати

Грција и Франција пред нов одбранбен договор за набавка на француски фрегати
Атина, 27 септември 2021 (МИА) – Имајте малку трпение, кусо одговори портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на натписите во медиумите дека Грција и Франција се пред нов одбранбен договор за набавка на француски фрегати, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска е во Париз, каде што заедно со францускиоот претседател Емануел Макрон свечено ќе ја отворат изложбата во Лувр „Париз – Атина раѓањето на модерна Грција 1675-1919“, посветена на 200-годишнината од грчката револуција, а веднаш потоа ќе имаат и работна вечера. Според медиумите во Грција, Мицотакис и Макрон ќе разговараат за новиот одбранбен договор меѓу двете земји, во кој е вклучена набавка на три француски фрегати и уште шест авиони Рафал, додека пак во текот на утрешниот ден, според истите информации, ќе бидат официјално соопштени детали, а договорот би го потпишале надлежните министри за надворешни работи и одбрана, кои веројатно ќе заминат за Париз. Овие информации, не ги демантираше владиниот портпарол, но одби да даде дополнителни детали и на двете новинарски прашања на оваа тема кусо повтори: „Имајте малку трпение“. ср/

Остани поврзан