Грција и Турција потпишаа седум договори на маргините на Високиот совет за соработка во Анкара
- Седум договори во неколку области, како и заедничка декларација потпишаа Грција и Турција по шестиот Висок совет за соработка одржан во Анкара, а турското претседател Реџеп Тајип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја истакнаа важноста на одржување на меѓусебните контакти и дијалогот, но се осврнаа и на нерешените прашања меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 11 февруари 2026 (МИА) – Седум договори во неколку области, како и заедничка декларација потпишаа Грција и Турција по шестиот Висок совет за соработка одржан во Анкара, а турското претседател Реџеп Таjип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја истакнаа важноста на одржување на меѓусебните контакти и дијалогот, но се осврнаа и на нерешените прашања меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
По завршувањето на состанокот беа потпишани: заеднички декларации за промоција на инвестициите; за соработка во рамките на Организацијата за економска соработка на Црното Море; за соработка во истражувањето и технологијата, за соработка во областа на подготвеноста за земјотреси; за започнување на бродска линија меѓу Солун и Измир, меморандум за соработка во областа на културата, како и заедничката декларација меѓу двете земји што беше потпишана од Мицотакис и Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека по претходниот Висок совет за соработка одржан во декември 2023 година се договориле да го продолжат дијалогот, а денешните договори „обезбедуваат најдобрата основа за продолжување на меѓусебните контакти“ за кои изрази надеж дека ќе продолжат.
Тој нагласи дека јасно и искрено разговарале за позициите за Егејското море и Источниот Медитеран.
- Ние уште од минатото до сега сметаме дека иако овие прашања се трнливи, не се нерешливи врз основа на меѓународното право, доколку постои добра намера, конструктивен дијалог и волја за решение. Со задоволство констатирав дека се согласуваме со мојот драг пријател Киријакос по ова прашање. Веруваме дека од 2023 година па натаму ќе се постигне напредок и во решавањето на меѓусебно поврзаните прашања во Егејското море, истакна Ердоган.

Во однос на нерешените прашања меѓу двете земји, грчкиот премиер посочи дека одредувањето на морските зони, континенталниот гребен и Ексклузивната економска зона во Егејското море и Источниот Медитеран е „единствената разлика што би можела да се изнесе пред меѓународен судски орган врз основа на меѓународното и морското право“.
- Искрено посакувам и го споделувам вашиот оптимизам дека условите ќе овозможат разврска во таа насока. И затоа, господине претседателе, сметам дека во истиот дух со позитивното искуство, веќе е време да се отстрани секоја закана, формална и суштинска, во нашите односи. Ако не сега, кога?, рече Мицотакис.
Посочи дека и кога постои несогласување важно е тоа да не води до кризи и тензии и нагласи дека Грција е земја која се залага за мир и мирен соживот со сите соседи.
- Судбината ни одреди да живееме во исто соседство. Не можеме да ја смениме географијата, но можеме да ја направиме наш сојузник, избирајќи приближување, дијалог и верба во меѓународното право. За да изградиме, со чувство на одговорност, иднина на мир, напредок и просперитет за нашите земји и да го почитуваме наследството на Елефтериос Венизелос и на Кемал Ататурк, рече Мицотакис.
- Како две соседни земји и сојузници од длабочината на моето срце верувам дека треба да ги одржиме отворени каналите на комуникација врз основа на соработката, истакна Ердоган.
Во однос на економијата, нагласи дека ќе продолжат да вложуваат секаков напор за зголемување на билатералната трговија за која грчкиот премиер посочи дека постои цврста цел за проширување за да стигне до 10 милијарди долари.

Пред почетокот на Високиот совет за соработка Ердоган и Мицотакис одржаа билатерална средба.
Петтиот состанок на Високиот совет за соработка се одржа во декември 2023 година во Атина кога беше потпишана и Атинската декларација, како и низа договори за подобрување на довербата и соработката, а на следниот, седмиот, домаќин повторно ќе биде Грција. ср/ми/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер