• недела, 24 ноември 2024

Грција и Обединетите Арапски Емирати ги надградуваат односите на стратешко ниво

Грција и Обединетите Арапски Емирати ги надградуваат односите на стратешко ниво
Атина, 18 ноември 2020 (МИА) – Заедничка декларација за стратешко партнерство и билатерален договор во надворешната политика и одбраната потпишаа Грција и Обединетите Арапски Емирати за време на посетата на Абу Даби на грчката делегација предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. Во заедничката писмена изјава на двете Влади по средбата на престолонаследникот на Абу Даби, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, истакната е посветеноста на двете страни на меѓународното право, ги осудуваат активностите на Турција и ја повикуваат Анкара да запре со „нелегалните активности и да го почитува меѓународното право“. Дополнително, изразуваат загриженост за „извозот на тероризам и екстремизам во поширокиот регион“,  ја потврдуваат нивната заедничка посветеност за борба против тероризмот и екстремизмот во сите негови форми и ја повикуваат „меѓународната заедница да заземе цврст став против оваа агресија“. Во потпишаната Заедничка декларација за стратешко партнерство, Грција и ОАЕ се согласуваат да ја продлабочат и зајакнат политичката соработка, дополнително да ги прошират економските односи, како и нивната соработка во одбраната, енергетиката, но и во други области. По завршувањето на посета и средбите во Абу Даби, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека потпишувањето на договорите претставува надградба на односите на Грција со Обединетите Арапски Емирати, со што се создава „рамка за стратешко сојузништво што се проширува, не само на економската соработка, туку и во соработка во одбраната и надворешната политика“. -Нашите две земји се соочуваат со предизвици во Источниот Медитеран низ истата перспектива. Остануваат посветени на мирното решавање на разликите и почитувањето на меѓународното право. Исто така, би сакал да истакнам дека оваа посета на Обединетите Арапски Емирати е уште еден чекор во рамките на активната надворешна политика што нашата земја ја развива во изминатата година. Активната надворешна политика што ја направи нашата земја мирна сила на стабилност, безбедност и просперитет во Источен Медитеран, истакна Мицотакис. Во грчката делегација предводена од Мицотакис, беа министерите за развој и за надворешни работи, како и заменикот шеф на грчката дипломатија задолжен за економска дипломатија. ср/сд/

Остани поврзан