• четврток, 26 декември 2024

Грција испраќа фрегата во Црвеното море

Грција испраќа фрегата во Црвеното море

Атина, 21 декември 2023 (МИА) – Фрегата на грчката воена морнарица ќе учествува во меѓународната операција „Prosperity Guardian“ во Црвеното море, за заштита на трговските бродови, животите на морнарите и глобалната економија, соопшти денеска министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас истакна дека меѓународната заедница се соочува со голем безбедносен предизвик во регионот на Црвеното Море, „нападите на трговските бродови од вооружени групи, дронови и проектили претставуваат огромна закана за човечките животи, меѓународната безбедност и стабилност, за глобалната економија и просперитетот на граѓаните“.

-Грција, земјата со најголема поморска флота, има примарен интерес за одржување на слободата на морските патишта и заштита на животите на морнарите, порача Дендиас.

Објасни дека по наредба на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, побарал од началникот за Генералштабот на одбраната и од началникот Воената морнарица, грчка фрегата да учествува во операцијата и посочи дека фрегатата ги има потребните средства за самозаштита. 

Дополнително истакна дека за одлуката ја информирал и египетската страна при неговата посета на Каиро. ср/мс/

Остани поврзан