• понеделник, 19 јануари 2026

Грција испрати воена опрема - донација за Либан

Грција испрати воена опрема - донација за Либан

Атина, 15 јануари 2026 (МИА) – Со транспортен брод на грчката воена морнарица, од Атина за Бејрут, денеска биле пренесени 13 оклопни возила за транспорт на персонал (M-113), десет возила за општа намена (STEYR 680M) од два и пол тони, како и материјали и резервни делови за нивна поддршка, во рамките на донацијата од Грција за Либан, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за национална одбрана на Грција соопштија дека денеска успешно бил реализиран транспортот на воената опрема - бесплатната донацијата до пристаништето во Бејрут, каде што им беа ставени на располагање на либанските власти.

- Транспортот беше извршен по соработка меѓу Министерството за национална одбрана и Министерството за надворешни работи, како и во координација со надлежните државни институции, во рамките на активностите на одбранбената дипломатија на нашата земја, соопштија од надлежното грчко Министерство во врска со донацијата.

Потсетија дека министерот за национална одбрана Никос Дендиас, оствари посети на Либан, а имаше средба и во Атина со министерот за одбрана на Либан, Мишел Менаса, „на која се разговараше за помошта на Грција за вооружените сили на Либан, преку бесплатно отстапување на воена опрема“. ср/јт/

Фото: Министерството за национална одбрана на Грција

Остани поврзан