• четврток, 26 декември 2024

Грција воведува попладневни операции во државните болници на трошок на пациентите

Грција воведува попладневни операции во државните болници на трошок на пациентите

Атина, 12 март 2024 (МИА) – Со цел да се намали времето на чекање на пациентите за хируршки интервенции, Грција воведе попладневни операции во државните болници кои ќе бидат на трошок на граѓаните, а за денеска во Солун се закажани првите вакви операции, што воедно е и почеток на имплементација на новата реформа во грчкиот здравствен систем, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешните операции закажани во две солунски болници, според најавите, ќе присуствуваат министерот за здравство Адонис Георгиадис и неговиот заменик Мариос Темистоклеус.

Според Георгиадис, од 125 болници во Грција, само пет пријавиле дека не е изводливо да вршат операции во попладневните часови, а од клиниките, над 150 пројавиле интерес.

Минатата седмица во Службен весник беше објавена министерската одлука за попладневните операции, а министерот за здравство на Грција тогаш истакна дека целта е од една страна да се намали времето на чекање, а од друга да се зголемат приходите на лекарите и медицинските сестри.

- Отсега илјадници пациенти кои со месеци и години чекаат да бидат оперирани, ќе можат да најдат излез во попладневните операции по цена многу пониска од приватните клиники, истакна Георгиадис.

Според министерската одлука, операциите се поделени во шест категории: многу мали, мали, средни, големи, тешки и екстремно тешки, а цените се движат од 300 евра до 2.000 евра во зависност од сложеноста на операцијата.

Заменик-министерот за здравство на Грција Мариос Темистоклеус во интервју за весникот „Врадини“ истакна дека попладневните операции во државните болници имаат многу пониски цени отколку во приватниот сектор.

Како пример спомена дека една попладневна операција што во државна болница чини 500 евра, кај приватните е над 1.800 евра. ср/паг/

Остани поврзан