Група граѓани во Битола ќе собираат потписи против иницијативата за изградба на регионална депонија
- Група граѓани во Битола, Могила и Новаци ќе собира потписи за организирање референдум против иницијативата за изградба на регионална депонија на местото на досегашната нестандардна пелагониска депонија „Мегленци“.

Битола, 9 април 2025 (МИА) - Група граѓани во Битола, Могила и Новаци ќе собира потписи за организирање референдум против иницијативата за изградба на регионална депонија на местото на досегашната нестандардна пелагониска депонија „Мегленци“.
Иницијативата е поведена откако Советот на Општина Битола едногласно донесе одлука за меѓуопштинска соработка за отворање на регионална депонија во Новаци, заеднички проект на општините Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Новаци, Кривогаштани, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод.
Како што е познато, членовите на Советот на Општина Битола за актуелната тема на различни седници донесоа три одлуки, првата едногласна одлука беше донесена за формирање заедничко јавно претпријатие, а потоа со дополнителна одлука, исто така едногласно и со поддршка на градоначалникот, советниците донесоа заклучок за измена на локацијата на регионалната депонија за што е информирана и се очекува одговор од македонската Влада. На последната седница на Советот на Општина Битола, мнозинството советници не ја прифати иницијативата на советниците од советничките групи Левица и Поинаку за целосно поништување на одлуката за регионална депонија во функција на 18 општини од пелагонискиот и југозападниот регион.
Членови на иницијативниот одбор што е против изградбата на регионална депонија во Пелагонија денеска соопштија дека почнуваат процедура за легално собирање потписи, а за локациите во Битола, Новаци и Могила ќе известат на следниот јавен протест што ќе се одржи на 16 април во 18 часот во Битола. мт/мд/
Фото: Депонија „Мегленци“ на ЈП „Комуналец“ - Битола