• недела, 24 ноември 2024

Грузиската претседателка Зурабашвили даде поддрша за членството на земјата во ЕУ

Грузиската претседателка Зурабашвили даде поддрша за членството на земјата во ЕУ

Тбилиси, 21 октомври 2024 (МИА)  - Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили вчера на собирот на илјадници поддржувачи пред парламентарните избори испрати порака за поддршка за членство во ЕУ.

Таа порача дека собраните на централниот плоштад во Тбилиси ја претставуваат слободна Грузија.

„Овде денес е општеството и луѓето, Грузијците, кои одат во Европа“, рече Зурабишвили, која ја повика толпата да гласа против партијата Грузиски сон.

Како што јавуваат странските агенции, изборите закажани за 26 октомври може да се сметаат за тест дали Грузија ќе се врати во руската орбита или ќе ја задржи својата прозападна ориентација.

ЕУ минатата година ѝ додели на Грузија кандидатски статус за членство, но односите значително се влошија откако партијата Грузиски сон го усвои законот за „странски агенти“ во мај, што според критичарите е доказ за свртување кон Русија.

Поддржувачите на четирите главни прозападни опозициски групи, кои ќе одат на избори следниот викенд, се собраа вчера на Плоштадот на слободата во грузискиот главен град.

Зурабишвили, која има главно церемонијални овластувања, беше избрана во 2018 година со поддршка на партијата Грузиски сон, но оттогаш стана една од нејзините најжестоки критичари. Таа се обиде да посредува до договори меѓу опозициските групи за да го собори Грузиски сон, за кој критичарите во Грузија велат дека ги нарушува изгледите на земјата за членство во ЕУ.

Анкетите покажуваат дека Грузиски сон сè уште е најпопуларна партија во земјата, иако изгуби одредена поддршка од 2020 година, кога освои речиси 50 отсто од гласовите и тесно парламентарно мнозинство. паг/

 

 

Остани поврзан