• среда, 18 декември 2024

Груби и стопанствениците дебатираа за изградбата на коридорите, ги повика да се вклучат во проектот

Груби и стопанствениците дебатираа за  изградбата на коридорите,  ги повика да се вклучат во проектот

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот Артан Груби денеска најави дека најдоцна до утре ќе испрати писмо до Собранието за да се свика Комисијата за труд и социјална политика за да биде претставен Договорот за коридорите и завршниот извештај на преговарачите. Тој ова го изнесе денеска на настанот во Стопанската комора, одговарајќи на прашање на стопанствениците во ситуација кога не ја знаат содржината на Договорот, додавајќи дека само одредени делови може да се објават со согласност од изведувачот. 

-Ако се согласи изведувачот секако дека може да се објават. Ние покажавме готовност и денеска, најдоцна утре ќе испратиме писмо до Собранието да се свика Комисија за труд и социјална политика, каде заедно со членовите на Управувачкиот комитет, со надзорот пред пратениците ќе го претставиме Договорот и завршниот извештај на преговарачите и ќе одговориме апсолутно на сите нивни прашања, рече Груби.

Договорот, повтори тој, апсолутно не е државна тајна, но содржи информации од доверлив карактер, а само конкретни клаузули од него не можат да се објавуваат. Такви се, појасни, речиси сите договори што ги склучува ЈПДП, бидејќи постојат деловни тајни.

-Секоја компанија си има свои деловни тајни. Тоа се доверливи информации за да го заштити својот проект од конкуренцијата и тоа не ниту криминал ниту корупција. Такви договор има во ТИРЗ  со компании кои котираат на берза. Ова не е прв ваков договор кај нас. И ние мора да ги почитуваме деловните тајни на компаниите, но тоа во никој случај не значи дека Владата крие нешто што е од интерес на јавноста нешто што би имало негативни ефекти врз граѓаните. Клучните моменти кои се од интерес на граѓаните никогаш не биле тајна. Никогаш тоа што е вредноста на проектот и што е начин на реализација на договорот и како ќе се трошат средствата на граѓаните не беше тајна. Нема пенали, ниту во Договорот има опција за исплата на пенали, рече Груби. 

Тој денеска имаше обраќање во комората и одговараше на прашања од стопанственциите, во присуство на министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши,  директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми и раководители на други институции поврзани со проектот. 

Како што кажа, над 40 домашни компании веќе се сретнале со конзорциумот „Бехтел и Енка“ околу можноста за соработка во проектот за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д, а ангажманот на компании и работен кадар од државава во проектот ќе биде над 51 процент. Сите компании, додаде тој, се добредојдени да контактираат со ЈПДП, со надзорот за проектот и „Бехтел и Енка“. 

-Коморите имаат определено дека изградбата на автопатиштата е од стратешки интерес на државата, тоа е ваша одлука и задача која ни ја имате дадено. Ние само го реализираме тоа што барате од нас, рече Груби прашан зошто бизнис заедницата не била консултирана за еден од највредните проекти во државава. 

На стопанствениците им објаснуваше и зошто за проектот се носат измени на осум закони по скратена постапка, истакнувајќи дека тоа било на барање на пратенците, а по разговорите со колеги за слични проекти во Србија, Косово, Албанија, Хрватска и Романија, кога, како што рече, се увиде каде „чкрипи“ во нашето законодавство и како може Јавното претпријатие за државни патишта, Катастарот, Управата за имотно правни работи и други институции да бидат многу поефикасни кон барањата на изведувачите. 

-Затоа увидовме дека мора да има промени за проектот да биде завршен побрзо. Во рацете на пратениците е да одлучат дали проектот ќе чини десетици милиони евра помалку и да заврши за 57 месеци или да чини  десетици милиони евра повеќе и да трае со години, наведе Груби. 

Поддржува законските измени да важат и за сите други проекти од национален интерес, како железницата, гасоводот... а изрази подготвеност за дополнителни измени кај Законот за работни односи, кој со пакетот предложени законски измени се однесуваат на прекувремената работа.

Предложените законски измени се доуредување на постоечките закони со кои, како што рече, ќе се обезбеди побрзо и поквалитетна изведба на стратешките проекти како овој.

-Измените на Законот за работни односи не значат експлоатација на работниците и нарушување на нивните права, нема да се дозволи, ниту еден работник  да биде експлоатиран,  не се работи за 60 часа работно време. Тој член е укинат од страна на Уставниот суд.  Зборуваме за дополнителни часови работа за сите кои ќе се согласат писмено и ќе прифатат самоволно. Никој друг нема да биде принуден на дополнителна работа која се овозможува и денеска, истакна Груби. 

Како што рече Груби, за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д од државниот буџет ќе се издвојуваат 250 милиони евра годишно, а домашните компании несомнено ќе имаат корист од нивниот ангажман во текот на целиот градежен процес. Со Договорот 51 проценти од ресурсите мора да бидат домашни и од вкупната вредност од над 1,3 милијарди евра,  600 милиони евра ќе останат во државава кај домашните фирми. Ова, потенцираше, е извонредна можност за зајакнување на капацитетите на домашните компании и за отворање на нови работни места.

Информираше и дека досега не се исплатени средства на изведувачот. Најави дека првата исплата ќе биде авансното плаќање за почеток на градежните работи и оти секој исплатен денар ќе биде објавен на Отворени финансии. 

Тој порача дека не познава политичар што ќе си дозволи да се впушти во коруптивни дејствија со компании како Бехтел и Енка, или пак со држави како САД и Турција. -Подготвени сме ова да биде најчистиот, надостоинствениот проект во земјата. Најодговорно тврдам дека хајката е само за дневна политика и за партиски калкулации и нема друг мотив. Ниту јас, ниту Бочварски, ниту Бесими, а најмалку премиерот Ковачевски би си дозволиле себе си да се впуштиме во какво било коруптивно дејствие. Ова ни животен проект и сакаме да биде успешен. Ако се проневери еден денар на граѓаните од овој проект или ако се корумпира кој било од нас политичарите да скапеме доживотно во затвор, рече Груби. 

Во обраќањето пред стопанствениците се осврна и на контактите што ги имал во однос на проектот со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За да ја има целосната слика во неколку наврати се сретнал и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски, кој, како што рече, исто така се сретнал и со претставниците на „Бехтел и Енка“.

-Исто така се сретнав и со Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и со Алексдандар Николовски во врска со специјалниот закон и другите законски измени. Сите се согласија дека се потребни и дека имаат нивни предлози за подобрување на законските решенија, но никогаш не ни ги доставија. Господинот Мицкоски даде недвосмислена поддршка за специјалниот закон со тоа што овозможи кворум на седницата и не гласаше за законот. Исто така, откако се формираше Комитетот повторно се сретнав со него и му понудив да бидат дел од прокетот, Управувачкиот комитет,  преговорите и одлуката на Владата, при што тој рече: „терајте си ја работата, ваш проект е, доволно дадовме поддршка, потпишете го и да одиме на предвремени избори“, рече Груби. 

Одговори и на наводите околу примената на правото за Договорот, истакнувајќи дека ќе се спроведува согласно домашното право. Доколу има потреба од арбитража, додаде тој, ќе се арбитрира во Париз, ако има потреба од толкување на одредбите тогаш е применливо англиското право.

Порача дека проектот за изградба на автопатите е амбициозен и од национално значење и за изградба на 109 километри за 57 месеци. Тој рече дека тоа е четири пати побрзо од просечната градба  во нашата земја во последните 32 години, преку нов модел што го користат најголемите и најискусните градежни компании во светот. 

-Оваа реализација преку брза патека го користи претходното големо искуство на најголемите светски градежни компании за истовремено дизајнирање и изградба и изведба за да се заштеди во време и да се испорача висококвалитетен безбеден производ за забрзан економски развој и регионално поврзување со европските коридори. За да ја постигнеме оваа цел потребна е одредена флексибилност и креативност во строгиот процес на дизајнирање и изградба на проектот без да се загрози крајниот висококвалитетен автопат, посочи Груби.

На настанот се обрати и Катица Николовска од Антикорупциската комисија од каде имаат отворено предмет околу наводите за изборот на надзорот во проектот за што посочи дека ги прибираат документите и информациите. Има, рече таа, простор за други видови одговорности, пред се, како што рече, за скратениот начин за носење осум закони, а ги следат и објавите за вработувањата.

На ова Груби одговори дека охрабрува увид во целата постапка, односно и ДКСК и Јавното обвинителство да преземат какви било дејствија бидејќи, рече, инсистираме да биде апсолутно транспарентно. лв/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан