Груби: Бараме сеопфатна истрага сѐ до последниот член на ДУИ
- Бараме сеопфатна истрага, не само за Рамиз Мерко, туку од господин Али Ахмети, па сѐ до последниот член на ДУИ, и не само за периодов, туку од 2002 до 2023 година, изјави првиот вицепремиер на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби.
Скопје, 27 јуни 2023 (МИА) - Бараме сеопфатна истрага, не само за Рамиз Мерко, туку од господин Али Ахмети, па сѐ до последниот член на ДУИ, и не само за периодов, туку од 2002 до 2023 година, изјави првиот вицепремиер на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби.
Во вечерашното гостување на Сител Телевизија, на прашање во врска со случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на кој САД му забрани влез во нивната држава поради вклученост во корупција, вицепремиерот Груби рече дека ДУИ ја прифати политиката на санкционирање и ја прими одлуката на Стејт Департментот.
- ДУИ ја прифати таа политика на санкционирање и ја поддржа. Ја примивме одлуката на Стејт Департменот, ја почитуваме, согласно тоа и се донесоа одлуките во партијата во однос на членството на господин Мерко во Централното претседателство, во Генералниот совет, во партијата воопшто, рече Груби.
Во врска со случајот со внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е еден од купувачите на деловниот центар „Соравија“, Груби изјави дека не е тој да гледа дали има нешто спорно, тоа треба да го сторат надлежните институции.
- Има Државна комисија за спречување на корупција, Јавно обвинителство, нека си постапат согласно нивните ингеренции и нека утврдат тоа што е вистинско, а не вака, да има медиумско препукување и употреба за дневна политичка агенда, рече тој.
Одговарајќи на прашањата за наводите кои што беа изнесени во јавноста во врска со бизнисите на Дрин, тој одговори дека нема информација и повторно посочи на надлежните институции.
- Немам никаква информација во однос на бизнисите на Дрин, или на кој било друг, затоа што се тоа приватни бизниси, доколку има нешто незаконско, нека си постапат институциите, доколку е сѐ законски и е амбиција на млад амбициозен дечко, би очекувал сите да му се извинат на крај, рече вицепремиерот.
Во однос на прашањето за ДКСК, Груби изјави рече дека ѝ верува на институцијата, меѓутоа има сомнеж на капацитетите на истата.
- Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат, рече тој. ар/aa/
Фото: МИА архива