• недела, 24 ноември 2024

Грлиќ Радман: Западен Балкан треба да остане во центарот на вниманието на ЕУ

Грлиќ Радман: Западен Балкан треба да остане во центарот на вниманието на ЕУ

Брисел, 22 јануари 2024 (МИА) - Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман денеска во Брисел истакна дека „Западниот Балкан треба да остане во центарот на вниманието на ЕУ“.

Во овој контекст тој спомна и утрешната посета на БиХ на претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и холандскиот премиер Марк Руте, пренесува Хина.

- Ќе го поттикнат реформскиот процес во Босна и Херцеговина со цел отворање на пристапните преговори во март,  изјави Грлиќ Радман пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Тој најави и дека „ќе ја нагласи потребата од внимателно следење на развојот на ситуацијата во Црна Гора, земја што неодамна ја посети, со цел таа да остане на европскиот пат“.

Главни теми на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ се ситуацијата на Блискиот Исток и дискусијата за долгорочните безбедносни обврски кон Украина и воената поддршка во војната со Русија.

Хрватскиот министер за надворешни работи најави дека ќе повика на напори за деескалација во Црвеното Море и за испорака на поголема помош во Газа и ослободување на сите заложници.

Што се однесува до Украина, тој рече дека поддршката на ЕУ мора да остане силна и предвидлива и дека е неопходно да се зголеми воената помош преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ). ссм/

фото: архива

Остани поврзан