• сабота, 09 ноември 2024

Грковска - Тунјан: Поддршката на СИГМА е многу значајна

Грковска - Тунјан: Поддршката на СИГМА е многу значајна
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со претставници од СИГМА/ОЕЦД предводени од Баграт Тунјан, задолжен за соработката меѓу СИГМА и Северна Македонија.
Како што информира прес-службата на Грковска, за време на средбата таа изразила благодарност за поддршката што СИГМА и ја дава на државата, особено во делот на дефинирање на Националната стратегија за реформи во јавната администрација, соработката со генералниот секретаријат на Владата во делот на стратешкото планирање, како и за реформите во менаџирањето на јавните финансии.
-Делегацијата од СИГМА ја информираше вицепремиерката Грковска за стручната поддршка што ја даваат во процесот на усогласувањето на платите кај администрацијата и државните институции и дефинирање на критериумите по кои се исплаќаат платите. За таа цел веќе е формирана работна група која ја сочинуваат претставници на Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, како и Генералниот секретаријат на Владата, се вели во соопштението.
Вицепремиерката Грковска нагласила дека овој процес е многу важен и дека Владата е одлучна во заложбата да се дефинираат критериумите врз основа на кој ќе се утврдуваат платите во државните институции.
Во однос на останатите проекти, таа нагласила дека е многу важно сите процеси да бидат добро координирани, за да нема преклопување. Потенцирала дека во сите активности посебно внимание посветува на стандардизирање на процесите и имплементирање на системски решенија кои ќе бидат долгорочни и одржливи.
Околу процесот на дигитална трансформација на општеството, како што велат од прес-службата, вицепремиерката Грковска информирала дека Владата на последната седница донела одлука за формирање на Национален совет за дигитална трансформација на општеството, со што ќе се обезбеди системски и усогласен пристап во процесот на дигитализацијата, кој е важен за работата на институциите и подобрувањето на јавните услуги.
-Клучно во процесот на дигиталната трансформација на општеството, нагласи вицепремиерката, е и воведување на електронска лична карта и нов закон за архивско работење, за кои веќе има конкретни активности координирани преку Кабинетот, се додава во соопштението.
Грковска потенцирала дека соработката со организацијата СИГМА/ОЕЦД е клучна, затоа што нивната експертиза е важна при креирањето на идните политики. ки/бак/

Остани поврзан