• петок, 27 декември 2024

Грковска со претставници од Американската стопанска комора: Дигиталната трансформација на општеството е предуслов за развој и економски напредок

Грковска со претставници од Американската стопанска комора: Дигиталната трансформација на општеството е предуслов за развој и економски напредок
Скопје, 6 јуни 2022 (МИА) - Дигиталната трансформација на општеството е клучен предуслов за развој и економски напредок на државата и затоа таа мора да се постави на здрави основи и да биде под директна координација на Владата на Република Северна Македонија. Ова беше заклучено на денешната средба на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска со делегација на Американската стопанска комора (АмЧам) составена од Јелена Арсовска извршен директoр, Андреј Петрески претседател на Комитетот за дигитална трансформација, како и Никола Љушев и Јордан Димитровски, членови на Одборот на директори на АмЧам. Грковска, се вели во соопштението од владината прес-служба, на средбата информирала дека во координација со надлежните институции се работи на започнување на процесот за воведување на електронска лична карта, што е предуслов за успешна дигитална трансформација на општеството. -Тоа е процес, за кој е неопходна координација меѓу надлежните институции, со цел да бидат опфатени сите аспекти и сите неопходни елементи за да може потоа електронската лична карта да има повеќекратна намена. За нас е важно да обезбедиме стандардизација во сите сегменти, како и оптимизација на процесите, нагласи Грковска. Таа, се вели во соопштението, посочила дека е многу важно ИКТ инженерите да не бидат третирани како дел од администрацијата, бидејќи тие не се администрација и затоа мора да се најде соодветен модел кој ќе овозможи нивно задржување во системот. Претставниците на Американската стопанска комора, како што информираат од владината прес-служба, оцениле дека дигиталната трансформација на општеството е многу важена за нашата држава, бидејќи сите процеси со кои се соочуваме се поврзани со дигитализацијата. Важно е да има структуриран пристап и целиот процес да биде координиран од Владата. На состанокот, исто така, било заклучено дека бизнис заедницата има многу важна улога во оваа реформа на општеството и затоа било договорено да има тесна меѓусебна соработка во насока на размена на идеи и искуства. аа/цр

Остани поврзан