• недела, 24 ноември 2024

Од март сите инспекторати ќе бидат вклучени во Е-инспектор

Од март сите инспекторати ќе бидат вклучени во Е-инспектор

 Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) -Во Информацискиот систем за инспекциски надзор, Е- инспектор, од март ќе бидат приклучени сите инспекторати, за кои е надлежен Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија, со што ќе се заокружи проектот за целосна дигитализација на инспекциските надзори.

На денешниот брифинг за новинарите, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат,  Рената Младеновска го презентираа напредокот и ефектите од воспоставувањето на Информацискиот систем Е-инспектор, во којшто првично започнат како пилот проект во 2021 година со поддршка на УСАИД, беа вклучени само три инспекторати.

Вицепремиерката Грковска, истакна дека од минатата пролет, со поддршка на ЕБОР, биле вклучени дополнителни 13 инспекторати во алатката Е-инспектор којшто е во насока на дигитализација на процесите на инспекторатите со тоа што ќе се овозможи поголема контрола, транспарентност и поголема ефикасност.

-Самиот факт дека целиот процес од давање на налог на инспекторот за излегување на увид до целата постапка, до моментот на генерирање на извештај, на електронски  записник ја намалува можноста за корупција, овозможува поголем увид од страна на директорите на инспекторатите до каде е процесот, нема можности за чување на извештаи во фиока, заради тоа што нема веќе можност за потпишување на хартиени документи. Со тоа се оди во насока на зголемување на довербата во институциите, на зголемување на довербата во инспекторатите, меѓутоа истовремено ќе даде реален приказ на индивидуалната одговорност, односно точно на оние коишто добро и професионално си ја вршат работата со можност да бидат наградени за тоа,.меѓутоа, истовремено и за оние кои ја злоупотребуваат својата позиција, рече Грковска.

Претседателката на Инспекцискиот совет Даниела Рендевска најави дека од крајот на март годинава, 15 државни инспекторати и Инспекциската служба при Агенцијата за храна и ветеринарство ќе започнат да ги вршат инспекциските надзори преку систем Е-инспектор.

- Со тоа 90 отсто од државните инспектори коишто се во надлежност на Советот целосно ќе ја вршат инспекциската постапка преку овој систем. Се надеваме дека покрај придобивките што ги презентираше Грковска, дека со овој систем особено ќе ја зголемиме и довербата кон субјектите на надзор, ќе обезбедиме подобра бизнис клима, бидејќи реално во овој систем субјективното влијание на инспекторот ќе се минимизира, нагласи Рендевска.

Директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска ја истакна важноста од унифицираноста на постапката при инспекцискиот надзор, со што вели се скратува времето на инспекцискиот надзор со меѓуинституционалната соработка, и ќе се овозможи подобро креирање на политиките и на начинот на организација на инспекциските служби.  - Придобивки од системот Е-инспектор ќе имаат и инспекциските служби и субјектите на надзорот, а ќе  се овозможи и приближување до ЕУ стандардите, наведува таа.

Томовска посочи и дека сега до Инспекторатот предничат пријавите за мобинг пред пријавите за исплата на плати и придонеси, особено во јавниот сектор. Сепак, таа нагласува дека е евидентно оти не се прави разлика меѓу мобинг и извршување на работните задачи.  

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска на средбата со новинари информираше дека овој Инспекторат од јануари годинава станал дел од Информацискиот систем Е-инспектор, но засега само за вонредни инспекциски надзори.
 
Е-инспектор започна во 2021 како пилот проект, во кој првично беа вклучени Државниот пазарен инспоекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат. Примарната цел на проектот е борба против корупцијата преку дигитализација на процесите, а со дополнителен развој на овој систем ќе бидат вклучени сите преостанатите инспекторати, кои се под ингеренции на Инспекцискиот совет.

Преку овој софтвер и неговата вклученост на Платформата за интероперабилност, инспекторите брзо и лесно ги добиваат сите податоци од другите институции што им се неопходни за да можат квалитетно и навремено да ја спроведат и завршат инспекциската постапка, со што автоматски се намалува и притисокот кон стопанствениците во однос на обезбедувањето на потребните податоци. Со дигитализацијата на инспекциската постапка се воведоа новини, особено во фазата на планирањето на надзорите, односно каде и кога ќе се врши надзорот, но исто така се обезбеди и автоматско генерирање на записниците и решенијата кои произлегуваат од оваа постапка. вг/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан