Грковска: Од големо значење е пораката на новата амбасадорка на САД за борба против корупцијата
- Борбата против корупцијата, владеењето на правото се приоритет број еден на нашата држава, уште повеќе во пресрет на скенирањето на преговорите што треба да ги започнеме во иднина со Европска
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - Борбата против корупцијата, владеењето на правото се приоритет број еден на нашата држава, уште повеќе во пресрет на скенирањето на преговорите што треба да ги започнеме во иднина со Европската Унија. За мене и за Владата на Република Северна Македонија од големо значење е ваквата порака на новата амбасадорка, а и ангажманот на досегашната амбасадорка на САД во нашата држава, изјави денеска вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во одговор на новинарско прашање да ја искоментира изјавата на новата номинирана амбасадорка на САД во земјава Анџела Прајс Агелер, дека ќе помага во борбата против корумпираните актери.
- Како една од активностите на мојот Кабинет е инсистирање и давање обврска на институциите да подготват план за ризици во нивните институции за корупција и врз основа на плановите ќе направиме заеднички акциски план за тоа како да се надминуваат тие. Исто така да видиме препораки и врз основа на кој принцип и на кој начин би требало да се направи планот за ризици од корупција за наредната година за 2023 година. Меѓутоа, тоа се однесува на институционалниот аспект, а генерално, сите оние институции за коишто независно претставуваат дел дали од законодавната, извршната или од судската власт, сигурна сум дека ќе биде во фокусот на активностите и на новата амбасадорка на САД, рече Грковска.
На вчерашното сослушување во Сенатската комисија за надворешни работи, Анџела Прајс Агелер, номинирана од претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во земјава, рече дека ќе работи да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери, јави Гласот на Америка на македонски јазик.
- САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Доколку бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергијата, различноста и безбедноста и на градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина, рече Агелер, истакнувајќи ги приоритетите на нејзината работа доколку биде потврдена за амбасадорка во Скопје.
Агелер, исто така, рече дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.
-Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред, рече Агелер. свс/нд/