• среда, 25 декември 2024

Грета Тунберг приведена за време на климатски протест во Холандија

Грета Тунберг приведена за време на климатски протест во Холандија

Амстердам, 6 јули 2024 (МИА) - Шведската климатска активистка Грета Тунберг денеска беше уапсена за време на протестот во Хаг, во Холандија, јавија шведските медиуми, пренесе ДПА.

Холандската полиција ја одведе 21-годишната активистка додека учествуваше во блокирањето на автопатот А12 што минува низ Хаг, на протест организиран од движењето „Extinction Rebellion“ (XR), појаснува ДПА.

Автопатот А12 беше привремено блокиран, при што полицијата употреби водени топови, се наведува во извештаите на медиумите.

И досега автопатот А12 беше цел на голем број протести. Активистите бараат Холандија да ги прекине сите државни субвенции за фосилните горива.

Тунберг и во април беше уапсена за време на протестите во Хаг. На крајот на мај таа беше приведена за време на пропалестинските протести против учеството на Израел на натпреварот за песна на Евровизија во Малме.

Таа беше уапсен и пред две недели, за време на протестот на „Extinction Rebellion“ во Хелсинки, потсети ДПА. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан