• сабота, 28 декември 2024

Граѓанска реакција против сечење повеќегодишни дрвја на простор за зелен пазар во Кочани

Граѓанска реакција против сечење повеќегодишни дрвја на простор за зелен пазар во Кочани
Кочани, 15 ноември 2022 (МИА) – Граѓанска иницијатива против сечење повеќегодишни дрвја предизвика најавениот проект од Општина Кочани за уредување простор за зелен пазар во близина на автобуската станица. Граѓаните реагираат што повеќе стебла се обележани со ознаки според кои тие треба да бидат исечени и отстранети, а на нивно место да се реализира партерно уредување на просторот на кој ќе се продаваат земјоделски и други производи. - Апелираме до надлежните во Општината да се откажат од масакрот што го подготвуваат за повеќегодишните дрвја што се обележани со црвено, крваво „С“. Досега во градот се исекоа многу стебла, а многу малку или воопшто не се посадија. Ако од општинската администрација им мислат добро на своите роднини, пријатели и сограѓани, очекуваме да се откажат од намерата за бетонизација и уништување на дрвјата на овој и на другите јавни простори. Со загадувањето на воздухот во изминатите години, Кочани стана познато во државата и пошироко, а сега и она зеленило што ни преостана некој дополнително сака да ни го одземе, истакна Александар Симеонов од граѓанската иницијатива против сечење на дрвјата. На вчерашната седница на Советот на Општина Кочани имаше и советничко прашање за постапката за отстранување на стеблата. - Дали сте свесни дека се работи за јавно корисна површина што немаме право да ја уредуваме на тој начин. Беше донесена одлуката да се изработи катастар на дрвја во градот, со кој ќе има евиденција дали се сечат здрави или болни стебла, наместо некој да сече ад хок, затоа што така му е по волја. Исто така, изгласавме одлука со која старите и болни дрвја што се отстрануваат, да се донираат како огревно дрво за семејствата во социјален ризик, но немаме евиденција колку и кој досега добил од нив, истакна Жаклина Филипова Свеќароска, член на Советот на Општина Кочани. Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов изјави дека на поставените прашања ќе даде писмен одговор, без објаснување дали дрвјата кај зелениот пазар навистина ќе се сечат. та/цр

Остани поврзан