Граѓаните на ЕУ најчесто иницираат петиции за животната средина, внатрешниот пазар и основните права
- Комитетот за петиции (ПЕТИ) на Европскиот парламент денеска со 16 гласа „за“, 13 „против“ и четири „воздржани“ го усвои својот Годишен извештај за 2023 година, кој покажува дека таа година до ЕП биле понесени 1.452 граѓански петиции, што претставува зголемување за 16,2 отсто на годишно ниво.

Брисел, 8 април 2025 (МИА) - Комитетот за петиции (ПЕТИ) на Европскиот парламент денеска со 16 гласа „за“, 13 „против“ и четири „воздржани“ го усвои својот Годишен извештај за 2023 година, кој покажува дека таа година до ЕП биле понесени 1.452 граѓански петиции, што претставува зголемување за 16,2 отсто на годишно ниво.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, најголемиот број или 21,5 отсто од сите пристигнати иницијативи од граѓаните на ЕУ за петиции се однесувале на животната средина, а по 13,4 проценти за внатрешниот пазар и за основните права.
Од петициите кои се однесуваат на животна средина, имало иницијативи поврзани со заштита на дивиот свет и шумите, со хемиското загадување на воздухот и подземните води, со социјалните последици од климатските промени врз ранливите групи, со заштита на домашните и бездомните животни, како и со благосостојбата на животните.
Во делот на внатрешниот пазар, имало иницијативи за петиции за давањето концесии за плажи во Италија, за наводни прекршувања на Директивата на ЕУ за либерализација на услугите и за повторното воведување гранични контроли меѓу некои земји членки во Шенген зоната.
Во однос на основни права, биле покренати петиции за правата на малцинствата, лицата со посебни потреби и на припадниците на ЛГБТИ+ заедницата, за пристапот до соодветно домување и за справување со бездомништвото во ЕУ.
Во усвоениот извештај, европратениците повикуваат на подобра соработка меѓу институциите на ЕУ и националните и локалните власти за решавање на грижите на граѓаните, а од Европската комисија бараат да обезбеди ефективно и навремено следење на успешните европски граѓански иницијативи.
Со договорите за ЕУ на европските граѓани им е загарантирано правото да поднесуваат петиции до Европскиот парламент за прашања од негова надлежност. сп/
Фото: МИА Архива