• среда, 13 ноември 2024

Граѓаните да се едуцираат како да ги користат дигиталните алатки, но и како да си ја заштитат приватноста

Граѓаните да се едуцираат како да ги користат дигиталните алатки, но и како да си ја заштитат приватноста

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Владата, граѓанскиот сектор и образовните институции треба да ги едуцираат граѓаните, особено младите како да ги користат дигиталните алатки и вештачката интелегенција, но истовремено и како да си ги заштитат личните податоци и приватноста. Ова е еден од клучните заклучоци на денешната конференција за „Заштита на приватноста во дигитална ера: во потрага по заеднички решенија" што се одржува во организација на Фондацијата Метаморфозис и Конект, со поддршка на ЕУ.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу истакна дека граѓаните треба да работат на свој дигитален профил кој станува многу битен, понекогаш и најбитен за да се добие некоја услуга дури и во државните институции или работа. Тој верува дека за 10 години дигиталниот профил ќе биде потребен за секој граѓанин и дека тоа е една од причините да се работи на едукација на младите.  На тоа треба да работат заедно Владата односно министерствата и јавните институции и граѓанското општество.

Главен процес во МИОА, вели Алиу, се дигиталните процеси. Инфомира дека во истражувањата за тоа зошто граѓаните малку користат дигитални услуги во државните институции увиделе дека тие не веруваат во сигурноста на дигиталната инфраструктура, дека можеби треба да се информираат повеќе за тоа и да едуцираат. Алиу побара граѓанските организации да работат на информирање на младите дека дигиталните услуги се брзи и безбедни само ако знаеме како да го користиме.

Министерот рече дека веќе е направен драфт на закон за заштита на информациски системи  со кој се предвидува формирање агенција за дигитална трансформација која ќе има четири столба - за дигитална инфраструктура, за иновативни и системски решенија во дигиталниот свет, за сајбер безбедност и, според Алиу најбитното обуките.

Мариа Канелополу, прв советник во делегацијата на ЕУ во Скопје, ја потенцираше важноста да се работи на заштита на личните податоци и приватноста, нешто за што ЕУ многу се залага.

Генералната секретарка во Агенцијата за заштита на лични податоци Леонора Кадрији истакна дека е неопходно да се обезбеди сигурност за целиот систем. Тоа е предизвик , како и ефикасните начини за заштита на личните податоци. Укажува на потребата од почитување на законот, но и на градење на култура за заштита на личните податоци. Важно е, вели таа, дека постои интерес и посветеност од сите страни. АЗЛП, додава, работи на подигнување на нивото на свеста за заштита на личните податоци  и запознавање на граѓаните за своите права.

Кадрији исто така истакна дека во тек е изработка на нова стратегија за заштита на лични податоци со експерти од Таиекс. 

Конференцијата има две сесии посветени на офицерите за заштита на личните податоци и на меѓу-секторската соработка во насока на штитење на човековите права со фокус на приватноста и на другите дигитални права. ев/лв/ 

Остани поврзан