• четврток, 26 декември 2024

Графити-галерија на отворено во Куманово

Графити-галерија на отворено во Куманово
Куманово, 24 мај 2021 (МИА)  -  Младите од Куманово уживаат во шаренилото на графитите во комплексот згради во близина на средното училиште „Перо Наков“. Десетмина уметници од државата цртаа графити во убава атмосфера проследена со музика на третиот фестивал кој оваа година се одржува со поддршка на Општината. Учесниците велат дека се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура. Секој со својата приказна, понекогаш испреплетена со идејата на колегите ги разубавија ѕидовите на зградите на комплексот од „К4“ од „Октомвриска револуција“. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат младите.
Младен Трендевски, еден од организаторите на манифестацијата веќе неколку години го разубавува Куманово. Тој е еден од творците на преубавите графити кај основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, простор каде што време поминуваат генерации млади кумановци, фотографирајќи се за социјалните мрежи.
- Се инспирираме од големите градови од Европа, пред сè Берлин, Барселона, но и од соседството од Софија, Белград. Нашата интенција е да имаме поголем простор за работа, поголеми површини каде би можеле да цртаме. Се надеваме дека ќе успееме. Најубави графити сме ги креирале додека атмосферата за работа била добра. Битно е да е средено, изјави Трендо. Учесниците бараат поголеми површини за цртање, да има континуитет во нивната работа. Еден од нив е скопјанецот Драган Китановски-Драж кој вели дека е важно разубавувањето на просторот. - Има скокови и падови, значајно е да се одржува континуитет како што е во Куманово веќе трета година. Треба да има како што има насекаде во светот. Тоа е начин на изразување и влегува во современа уметност, затоа што во принцип од старите фасади се прави галерија на отворено, вели Китановски. Во големите европски градови се препокриваат графитите, кај нас сцената е мала, појаснуваат уметниците. Генерално се проценува дека има дваесетина цртачи на графити. Спорадично во неколку поголеми градови има слични настани, но реална и континуирана поддршка од властите засега нема. Местата каде што можат да творат уметниците обично се во поненаселените места, кои за жал и најмалку се посетени. Жителите на зградите самите доставиле иницијатива да се разубават нивните згради. Горан Стојанов, еден од организаторите најави дека наскоро ќе следуваат графити кај друг комплекс згради, бидејќи граѓаните пројавиле интерес за разубавување на нивниот кварт. - Жителите дадоа согласност, изработивме проект кој не чини премногу, а овој дел од градот добива интересен лик, вели Стојанов. Уметниците бараат нови површини каде ќе можат да творат, да ги пренесат своите размислувања преку графити, мурали. Куманово веќе има неколку простори каде е работено. - Ќе продолжиме со поддршката и во иднина, најавија надлежните од Општината кои го поддржаа третиот фестивал. Уметниците се надеваат дека наредните години ќе бидат исцртани повеќе површини со различни стилови на цртање кои ќе го разубават Куманово и ќе го разбијат сивилото во градот. Александра Максимовска

Остани поврзан