• недела, 24 ноември 2024

Грамофонските плочи попродавани од ЦД-та во САД, првпат по 1987 година

Грамофонските плочи попродавани од ЦД-та во САД, првпат по 1987 година

Лос Анџелес, 14 март 2023 (МИА) - Продажбата на грамофонски плочи во САД за 2022 година ја надмина онаа на ЦД-а и ова е прв ваков случај од 1987 година наваму, според извештајот на Здружението на индустријата за снимање на Америка (РИАА).

Имено, лани во САД биле продадени над 41 милион плочи, со вкупна вредност од 1,2 милијарди долари. Во истовреме, продадени се 33 милиони ЦД-а, во износ од 483 милиони долари. Приходите од продажба на ЦД-а се намалени за 18 отсто.

- Минатогодишната продажба на плочи покажува дека винилот „ја зацементира“ својата улога на пазарот на современа музика, истакна Мич Глејзиер - претседател и извршен директор на Здружението на дискографската индустрија на Америка - РИАА.

Продажбата на плочи се зголемува 16-та година по ред, а нивниот удел во приходите во однос на физички носачи на звук изнесува 71 отсто.

Приходите од снимена музика во САД се зголемуваат седма година по ред и достигнаа рекордни 15,9 милијарди долари.

Физичките записи со музика повторно ги надминаа дигиталните, што забележаа пад на приходите од 20 отсто во однос на лани, на 495 милиони долари, посочува извештајот. На врвот на популарноста - во 2012 година, дигиталните музички записи учествуваа со 43 отсто од продажбата.

Приходите од стриминг, што вклучуваат „претплата, услуги поддржани од реклами, дигитално и приспособено радио, платформи за социјални медиуми, дигитални фитнес-апликации и друго“, се зголемија за седум отсто, на рекордни 13,3 милијарди долари, што е удел во вкупниот приход од 84 отсто.  си/сд/

Фото: Пиксабеј.

Остани поврзан