• четврток, 26 декември 2024

Град Скопје ќе доделува субвенции за набавка на инвертер клима уреди

Град Скопје ќе доделува субвенции за набавка на инвертер клима уреди
Скопје, 31 март 2022 (МИА) - Град Скопје и оваа година ќе доделува субвенции за набавка на инвертер клима уреди за загревање. Како што информираат од Град Скопје, Советот на денешната седница ја донел Програмата за субвенционирање.

-Во наредниот период ќе биде распишан јавниот повик за субвенции на кој ќе можат да аплицираат сите лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2022 година. Средствата предвидени за овие субвенции се обезбедени од буџетот на Град Скопје, како и преостанатите средства добиени од Владата во 2020 година, се наведува во соопштението.

За оваа намена се предвидени 24 милиони денари. На граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.

- Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено постигнуваат затоплување на домовите, наведуваат од Град Скопје.

Субвенциите се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје. свс/бак/

Остани поврзан