• сабота, 16 ноември 2024

Град Скопје ја дополнува листата за имиња на улиците

Град Скопје ја дополнува листата за имиња на улиците
Скопје, 16 февруари 2021 (МИА) - Од Град Скопје соопштија дека Советот на претстојната седница ќе расправа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје. - Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња, инфомираа од Град Скопје. Од Град Скопје додадоа дека со дополнувањето на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. - Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот, истакнаа од Град Скопје. Град Скопје спроведе on-line анкета во летото 2019-та година на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи. - Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и др, наведоа од Град Скопје. Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти Името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање не конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата. По добиената согласност од Владата, Советот на Град Скопје ја усвојува листата, а дури потоа може да се пристапи кон менување на конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, коишто се менуваат со посебни одлуки на Советот. Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа. см/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан