• недела, 24 ноември 2024

Град Скопје: Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на скопјани

Град Скопје: Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на скопјани
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Град Скопје денеска преку соопштение изрази жалење што заменик-градоначалничката Бујаре Абази од Алијанса за Албанците поднесе оставка од функцијата. -Бујаре Абази не беше партиско решение и на функцијата заменик беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните. Искрено жалиме што Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука, стои во соопштението. Според градските власти, департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции. -Секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Бујаре Абази денеска поднесе оставка од функцијата заменик-градоначалничката на Град Скопје.
Абази, која е од редовите на партијата Алијанса за Албанците, на прес-конференција истакна дека АА од своето формирање континуирано демонстрира принципиелна и транспарентна политика.
- На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие што наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани, но актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните, нагласи Абази, осврнувајќи се на новите функции кои ги добија членови на ДУИ.мд/са/

Остани поврзан