• вторник, 24 декември 2024

Градоначалник на Херсон: Градот го презедоа руски трупи

Градоначалник на Херсон: Градот го презедоа руски трупи
Херсон, 2 март 2022 (МИА) - Градоначалникот на украинскиот град Херсон, Игор Кољхаев, вечерва објави дека градот на југот на Украина паднал во рацете на руската армија, јави Би-Би-Си. Во порака преку Фејсбук, градоначалникот истакна дека „денеска во градскиот совет биле видени вооружени странци“, а на руските војници им рекол дека во тој град нема украински вооружени сили, туку само цивили и луѓе кои сакаат да живеат таму. Тој наведе дека руските сили вовеле полициски час од 20 до 6 часот по локално време и порачале дека во градот ќе биде дозволен влез на автомобили со храна, лекови и некои други прехранбени производи. Кољхаев посочи дека автомобилите во градот мора да возат со „минимална“ брзина и дека пешаците не смеат да се движат групно, туку на улица може да бидат заедно најмногу две лица. - Сега е така, како што е. Украинското знаме е над нас. За да остане таму каде што е, мора да ги исполниме овие барања. Немам што повеќе да кажам, додаде тој. Би-Би-Си посочува дека не може самостојно да ја потврди оваа изјава, додека Њујорк Тајмс, исто така, вечерва објави дека Херсон е првиот голем град во Украина (близу 300.000 жители) кој го преземала руската армија по нападот на тој земја. гт/

Остани поврзан