• вторник, 12 ноември 2024

Градоначалникот Лимани најавува 15 проекти со кои евидентно ќе се подобри патната инфраструктура на Гостивар

Градоначалникот Лимани најавува 15 проекти со кои евидентно ќе се подобри патната инфраструктура на Гостивар

Гостивар, 12 септември 2024 (МИА) – Општина Гостивар поднесе петнаесет пријави на повикот за доделување 100 милиони евра од Министерството за локална самоуправа. Најголем дел од проектите се однесуваат на подобрување на градската патна инфраструктура, но има за руралните средини, вели вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Ваљбон Лимани. Тој вели дека сите проекти за кои аплицирале се оформени и сработени според бараните стандарди и очекува сите да бидат прифатени.

Лимани најави дека приоритет ќе имаат изградбата на ново шеталиште во центарот на градот и булеварот што води од Центарот за култура до Железничката станица.

- Главно сме фокусирани на реконструкција и асфалтирање на патишта во општина Гостивар. Еден од проектите е уредување на улицата која минува покрај некогашното кино. Се надевам дека овие проекти ќе се реализираат до крајот на годината или следната пролет, кога очекуваме да имаме оглас на кој ќе аплицираме и со проектите што ги предвидовме, вели вд градоначалникот Лимани.

Од поважните проекти кои се во тек, Лимани посочи дека се работи на уредување на канализацијата на локалниот пат Здуње – Дебреше во должина од над два километри. По завршувањето на работите, со средства кои веќе се обезбедени ќе асфалтира целата должина на коловозот.

- Канализацијата на патот Здуње – Дебреше продолжува и очекувам за краток период да се доработи делот што остана. Во меѓувреме, во контакт со Светска банка и со компанијата која ги започна работите на патот Здуње – Дебреше, бев информиран дека следната недела ќе започне асфалтирањето на преостанатиот дел. Верувам дека до крајот на есента овој проект ќе биде комплетно завршена, изјави Лимани.

Според него, деновиве се очекува да започне уште еден важен проект од патна инфраструктура. Станува збор за булеварот „Гоце Делчев“ кој целосно ќе се реконструира и асфалтира од двете страни по целата должина.

- Како и поголемиот дел проектите со кои ги аплициравме, така и со овој во значајна мера ќе се подобри патната инфраструктура низ градот, нагласи градоначалникот Лимани.

Освен за подобрување на инфраструктурата во градот, од планираните проекти добар дел ќе бидат насочени кон потребите на жителите во селата. згм/дма/


фото: МИА

Остани поврзан