• недела, 10 ноември 2024

Градежни активности во штипската населба Балканска

Градежни активности во штипската населба Балканска

Штип, 9 јули 2024 (МИА) - Започнаа подготовките за асфалтирање на улици во населба Балаканска во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на демешната прес-конференција информираше дека денеска се поставува земјен нанос, а во наредниот период ќе се пристапи и кон поставување на првиот асфалтен слој. Општината издвои речиси два милиони денари за реконструкција на улиците, а се предвидува и поставување детско катче и паркова површина.

-Станува збор за проект кој секоја година го реализираме во приградските населби каде има заборавени улици, кои никогаш до сега не биле асфалтирани. Овде конкретно во населба Балканска ќе се асфалтираат улици во вкупна вредност од 1,8 милиони денари средства од Буџетот на Општина Штип. Се планираат и активности за поставување на детско катче, со детски реквизити, парковна површина, изјави Јорданов.

Тој повика на трпение од страна на граѓаните, бидејќи потребен е одреден временски период за да се задоволат нивните потреби. Додаде дека активности на терен се планирани во сите приградски штипски населби, а во рамки на проектот „Штип без кал“.

-Во текот на вчерашниот ден се работеше во населбата Чардаклија, денеска во Балканска, а ќе се продолжи и во другите приградски населби, во Караорман, во Три Чешми. Оваа година се опфатени повеќе улици за асфалтирање, по барање на жителите, повикувам на трпение, оти не е можно за краток временски период да се задоволат сите потреби на граѓаните, вели Јорданов. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан