• среда, 13 ноември 2024

Градежните материјали нема да поевтинат, домашните производители „втори“ снабдувачи

Градежните материјали нема да поевтинат, домашните производители „втори“ снабдувачи

Скопје, 16 март 2024 (МИА) -  Нарушените транспортни врски со Истокот поради блокадите во Црвеното Море значително ја поскапеа испораката на репроматеријали и опрема и е нов предизвик за индустријата на градежни материјали, каде на цените влијае и таксата за количината на емисијата на јаглероден диоскид, откако Европската Унија ја воведе на производите и услугите. Инфлацијата, достапноста на енергенсите и суровините, логистичките пречки и растот на цената на превозот, според стопанствениците, не ветуваат пад на цените на градежните материјали, како еден од клучните фактори во цената на градбите, која пак бележи конитинуиран пораст во изминатиот период. Како и во досегашните изборни процеси така и за претстојните ја очекуваат истата реторика со најави за многу градби. Бараат договори со порамнување на цените, а странските изведувачи да бидат обврзани за користење домашни подизведувачи и производи со точно зададени параметри за процентуално учество по категории.

Даниел Цеков од Здружението за градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора за МИА вели дека индустријата на градежни материјали се соочува со три големи предизвици: нестабилни цени на енергенси, суровини и опрема, уништената домашна градежна оператива и намалувањето на кадарот на сите нивоа на образование и сертификација, нерегулиран пазар и увоз.

-Ако земеме во предвид дека според висината на прометот носители на оваа гранка се производителите на цемент и гипс, а по нив следуваат производителите на бетон, тогаш гледаме стабилна состојба и благ раст. Овие производители со основните суровини се снабдуваат локално, а зависно од промена на цените на енергенсите ги прилагодија цените на производите, вели Цеков.

Откако пред четири години ланците на снабдување беа нарушени со пандемијата а од пред две години и со руската воена агресија врз Украина, цените на енергенсите и транспортот во неколку наврати имаа нагли скокови што доведе до нестабилни цени и поскапувања кај сите категории градежни материјали.

- Во Македонија на проектите каде како инвеститор се јавува државата, договорите се по најниска и фиксна цена. Заедно со изведувачите запревме и снабдувачите - производителите. Изведувачите се најдоа во слепа улица каде секој се снаоѓаше според своите способности и можности, како не би запреле затоа што тоа ќе значеше крај за некој од нив. Не се најде системско решение за надминување на проблемот. Ние како домашни производители бевме заглавени во роковите на плаќање и ги приспособувавме цените, при што имавме големи загуби. Дел од домашните градежни фирми ставија клуч, а дел од странските компании ги напуштија проектите. Сега нов предизвик се нарушените транспортни врски со Истокот поради блокадите во Црвеното море. Испораките на репроматеријали и опрема од истокот значително поскапеа, со роковите на испорака кои во некои случаи пораснаа за дополнителни три месеци, укажува Цеков.

Новите такси ја оптоваруваат цената 

Тој оценува дека инфлацијата, достапноста на енергенсите и суровините, логистичките пречки и растот на цената на превозот не ветува пад на цените на градежните материјали.

Со договорот од Париз во 2015 година светот се обврза да ги намали стакленичките гасови и со тоа да го спречи растот на глобалното затоплување. Градежната индустрија е голем емитер на СО2 каде најголемо учество има производството на цемент, а потоа производството на челик и транспортот. Проценките се дека емисијата на СО2 на градежниот сектор учествува со над 20 проценти во емисиите од индустријата.

-ЕУ воведе такса на производи и услуги според количината на емисија на СО2. Оваа такса го оптоварува цементот и со над 30 проценти од цената. Веќе се воведува и такса при увоз на вакви производи во ЕУ. Ова е предизвик за целата индустрија во изнаоѓање на алтернативни материјали, користење на обновливи извори на енергија и рационализација во производството и градбата. Сето тоа влијае и ја крева цената на градбите, објаснува Цеков.

Сето ова, како што потенцира, е нов логистички предизвик и бара внимателно планирање.

Градежната индустрија зависна од политиката 

Според Цеков, во наредните месеци ќе се изнаслушаме за тоа што се ќе изградиме во наредните четири години. За потоа, како што вели, се да замре и ништо посебно да не се случува во наредните две години и потоа пак две години градење без план и контрола.

За жал, потенцира тој, градежната индустрија е зависна од политиката, посебно тука на Балканот.

-Ова е сектор каде најголем инвеститор е државата. А Македонија се покажа дека не знае да ја планира иднината, барем не во развојот на инфраструктурата. Се почнува популистички, без план и идеја за финансирање. Без проект. Затоа „имаме“ железничка пруга за Бугарија, автопати до Охрид и Битола, Чебрен и Галиште, три изградени и нефункционални булеварски мостови на Вардар, подземен Јужен Булевар и панорамско тркало во Скопје и.т.н. Во наредните месеци ќе се изнаслушаме за тоа што се ќе изградиме во наредните четири години. За потоа се да замре и ништо посебно да не се случува во наредните две години и потоа пак две години градење без план и контрола. Овие циклуси се редовна појава поврзана за изборите. Кај нас е понагласена, но се случува и во соседните земји, укажува Цеков.

Бавен премин кон европските норми, домашното производство недоволно заштитено

На површина од 850 квадратни метри се гради памтрак патека во Кавадарци (полигон за велосипеди), информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

 Преминот кон европските норми во градежништвото во државава напредуваа споро, но како што вели Цеков за МИА, сите сериозни производители веќе ги имплементирале во своето работење. 

-Со признавањетото на СЕ сертификатите, македонскиот пазар целосно се отвори и ги остави домашните производители незаштитени. Компанијата од каде доаѓам повеќе од 20 години производите ги сертифицира со оваа ознака, бидејки како и за другите така и за нас, тоа е единствен начин да излеземе на домашниот пазар и извоз во ЕУ. Тоа нас не стави во подредена ситуација во однос на производителите од ЕУ и пазарите во Западен Балкан. Овие сертификати ние не можеме да ги извадиме дома, туку се издаваат од акредитирани институти на територијата на ЕУ и за македонските фирми е огромен трошок, додава тој.

Секоја нова членка пред влезот во ЕУ со закон за градежни материјали го правела тоа, но претходно до влезот секој производ требало по тие европски норми да се сертифицира и кај домашните лаборатории. Со тоа тие држави го заштитиле домашното производство и истовремено ги подготвиле домашните лабаратории за испитување на градежни материјали за влез во ЕУ.

-Што е најважно, државата наплати за секој увезен производ, а со тоа доби и квалитетна контролирана понуда на пазарот. Тоа денес го прават земјите од соседството кои преговараат за членство. Контролата за тоа дали некој од производите имаат сертификат или нострификација ја прават на влез самите царински служби, а потоа следат одобрувања за примена од надзорните инженери. Кај нас Министерството за економија без разлика под чие раководство беше, немаше слух да го заштити домашното производство во овој преоден рок кој предолго трае, објаснува Цеков.

Според него, доколку со подзаконски акти веднаш не се регулира увозот и примената на СЕ ознаката во Македонија, целосно ќе замре интересот во научно истражувачките дејности и развојот на технологии и производи. Со тоа, предупредува тој,  ќе ги изгубиме и оние малку фирми и градежни лаборатории кои се` уште успешно го држат чекорот со најновите трендови во светот. Посебно во делот на градежната хемија. Со тоа индустријата на градежни материјали ќе се сведе на ископ и дробење на камен агрегат.

Во градежништвото државата субвенционира дел од трошоците за иновации, развој и еколошки прифатливи производства и според Здружението овој начин на поддршка е добар и може да поттикне развој на нови технологии, но тоа не е доволно.  

-Најважно е да не` послуша нас стопанствениците од македонските фирми и да постави нови правила во договарање и реализирање на проектите. Да се направи долгорочна стратегија и да не отстапува од неа, порачува Цеков.

Домашните производители „втори“ добавувачи и со ненаплатени долгови 

Интензивно се гради новата градинка во просторот во поранешната касарна во Струмица. Објектот опфаќа површина од 1443 метри квадратни со приземје и кат и ќе располага со капацитет за 300 деца

Носителите на индустријата на градежни материјали сметаат дека треба да се промени начинот на договарање помеѓу инвеститорот - државата и изведувачите што, потенцираат, е двостран интерес.

-Потребен е договор што ќе ги порамнува промените на цените. Изведбата на градежните објекти е долготраен процес, а не еднократна набавка. Тоа не е ништо ново, се применува насекаде а се применувало и кај нас. Договорот што се постигна со изведувачот на дел од патните коридори 8 и 10 го рашава овој проблем. Ваков начин на договарање треба да се применува на сите инвестициски проекти, без разлика на големината, изворот на финансирање и изборот на изведувач, вели Цеков.

Начинот на кој во изминатите децении се вршел избор на изведувачи на големите проекти, според него, ја уништи домашната градежна оператива.

Македонските градежни фирми, укажува Цеков, се нашите партнери со кои можеме заеднички да развиваме нови производи и технологии.

-Изведувачите кои дојдоа од странство со себе донесоа свои традиционални партнери, производители и снабдувачи. На почеток на работите најчесто се заинтересирани само за евтина работна рака, ископ и каменоломи. Домашните производители кои вложуваат во производи и технологии со повисока техничка и интелектуална вредност, тешко се докажуваа и беа „втори“ добавувачи.  Сето тоа придонесе и за намалување на интересот на младите за инженерските струки како градежните и технолошки. Тие малку што завршуваат ги превземаат странски фирми изведувачи или производители - инвеститори со нивно производство кај нас. A потоа честопати заминуваат во странство, вели Цеков.

Поради неквалитетните проекти и договори, дополнува, дел од странските изведувачи се повлекоа на сред проект, а ние подизведувачите и добавувачите на материјали и опрема останавме со ненаплатени долгови. И во овој случај, државата како инвеститор воопшто не не` заштити или не помогна во наплата на долгот од централите на овие фирми.

-Во иднина при избор на странски изведувач, не само декларативно, туку со договор е потребно да биде обврзан за користење на домашни подизведувачи и производи со точно зададени параметри за процентуално учество по категории, порачува Цеков.

Градежништвото е со највисока стапка на слободни работни места 

Според податоците на Државниот завод за статистика, градежништвото во четвртиот квартал лани забележа раст од 5,5 проценти. 

Трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртото тримесечје од 2023 година, во споредба со третото тримесечје од 2023 година, се повисоки за 3,2  проценти, трошоците за материјали се пониски за 1,5 проценти, а трошоците за вработените се повисоки за 11,2  проценти.

За 62,1 отсто се издадени повеќе дозволи за градба во февруари годинава во однос на февруари лани, објави Државниот завод за статистика.

Градежништвото е секторот со највисока стапка на слободни работни места, 3,44 проценти, во последниот квартал лани во државава.

Во јануари годинава издадени се 256 одобренија за градење, што е за 34,4 проценти помалку во однос на истиот месец лани. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4 503 536 000 денари, за 41,6  проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Сто шеесет и шест одобренија се за објекти од високоградба, 48 за нискоградба, а  42 за реконструкција.

Предвидена е изградба на 615 станови, со вкупна корисна површина од 56 031  метри квадратни. Најголем број станови ќе се градат во Охрид, 150, Битола, 112, Дојран, 73, Дебар 48, Гевгелија, 40. Во Скопскиот регион од вкупно 77 станови, 24 ќе се градат во Центар, 20 во Гази Баба, 10 во Чаир...

Лидија Велковска

Фото: МИА архива

Остани поврзан