Гоцевски: Расчистен запуштен простор и нова опрема за пожарникарите во Делчево
- Во Делчево спроведена акција за уредување на јавен простор, извршен увид во донација за ТППЕ, додека ЈКП Брегалница продолжува со засадување нови садници и уредување на зелените површини.
Делчево, 3 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски денеска информираше дека во изминатиот период се реализирани повеќе активности насочени кон уредување на јавните површини и подобрување на условите за работа на службите во градот.
Како што посочи Гоцевски, заедно со припадниците на Територијалната противпожарна единица е спроведена акција за расчистување и уредување на запуштен јавен простор во централното градско подрачје, кој со години бил обраснат и небезбеден, особено во летниот период поради појава на змии и други штетници. Просторот е целосно расчистен и ставен во функција.
– Ова не претставува само отстранување на трева и грмушки, туку пример за одговорен и домаќински однос кон јавниот простор – изјави градоначалникот, упатувајќи благодарност до пожарникарите и до екипите на ЈКП Брегалница за поддршката со механизација.
Во рамки на активностите тој изврши и увид во нова донација за противпожарната единица. Донацијата опфаќа 25 јакни, 25 панталони и 10 пара пожарникарски чизми, обезбедени од организациите BIDI DOBAR A NJ NONPROFIT CORPORATION и Подај Рака Спаси Живот.
Според Гоцевски, опремата значително ќе ги подобри условите за работа и безбедноста на пожарникарите.
Паралелно со овие активности, градоначалникот на Делчево изврши увид во работните активност на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ кое продолжува со уредување и разубавување на јавните површини во градот. Во тек е засадување нови садници на повеќе локации, како и уредување на просторот со поставување украсен камен, со што се зголемува зеленилото и се подобрува квалитетот на животната средина.
Од претпријатието најавуваат дека активностите ќе продолжат и во наредниот период, со цел создавање почист, поуреден и поатрактивен град за сите граѓани. вс/дма/
Фото: МИА
