Горда сум на Армијата, извештајот ми дава за право отворено да изразам неспорна доверба во началникот, во Генерал штабот, во офицерите и војниците, изјави Сиљановска Давкова
- Горда сум на Армијата не случајно ужива најголема доверба, што е доказ за нејзиниот кредибилитет и дигнитет не само дома, туку и надвор, истакна претседателката и врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова по брифинг за борбената готовност на Армијата. Посочи дека извештајот бил темелен, полн со податоци и факти.
Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Горда сум на Армијата, не случајно ужива најголема доверба, што е доказ за нејзиниот кредибилтет и дигнитет не само дома, туку и надвор, истакна Претседателката и врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова по брифинг за борбената готовност на Армијата. Посочи дека извештајот бил темелен, полн со податоци и факти.
-Заснован на докази. Стратегијата е јасно присутна, соработката со началникот на Генерал штабот и со Генерал штабот е извонредна. Се разбира има место за измени, има место за реформи, меѓутоа сето она што чув денеска ми дава за право отворено да изразам неспорна доверба во началникот, во Генерал штабот, во офицерите и војниците. Мислам дека ова што го говорам ќе го чуете и од сите оние во чии мисии учествувала нашата Армија, надвор, дома, како почитуван и кредибилен фактор, па дури она што би сакала да го истакнам е дека денеска видов или чув информации за извонредна регионална соработка како доказ за улогата на воена дипломатија што е денеска многу важна, изјави Сиљановска.
Таа посочи дека припадниците на Армијата ја имаат нејзината доверба и какошто рече „ја докажаа нивната одговорност и се разбира мислам дека мирно можеме да спиеме“.
Претседателката на Северна Македонија, Сиљановска-Давкова додаде дека Армијата има и извонреден регионално пристап.
- Јас верувам во ова водство. Мислам дека и сите граѓани го чувствуваат ова и дека ќе продолжи довербата во македонската Армија, рече Силјановска-Давкова по одржаниот брифинг за борбената готовност на Армијата.
Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува и дека претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Домот на Армијата во Скопје, беше информирана за состојбата и реализацијата на плановите и задачите за тековната година кои влијаат на борбената готовност на Армијата.
На брифингот за борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката Сиљановска, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, генералите во Армијата и претставниците од кабинетот на претседателката и министерот,ја презентираше состојбата во Армијата според функционалните области кои се дел од борбената готовност.
-На годишниот брифинг пред воениот врв се презентираа реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2024 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, заштита на силите, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Во своето излагање, генералот Лафчиски истакнал дека Армијата во тековната година успешно ги реализираше сите предвидени задачи и борбената готовност е на потребното ниво. Подготвеноста на командите и единиците на Армијата се одликуваше со навремена реализација на активностите со планираната динамика во процесот на трансформацијата, со тежиште на спроведување на процесот на модернизација во однос на развој на капацитетите и НАТО целите на способности, изведување на обуката согласно НАТО стандардите и актуелните безбедносни предизвици.
-Со учеството на припадниците на Армијата во операциите предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации, испраќаме јасна порака за силната посветеност во одржување на мирот и стабилноста.Припадниците на Армијата во континуитет демонстрираат висок степен на обученост, посветеност и интероперативност со сојузничките и партнерските армии со учество на повеќе меѓународни вежби во земјата и во странство, меѓу кои и вежбата „Maplearch 24“ на која бевме домаќини, стои во соопштението на Министерството за одбрана.
На брифингот претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека припадниците на Армијата во континуитет ја докажуваат својата професионалност, дисциплина и подготвеност, успешно вршејќи ги своите задачи и гарантирајќи ја безбедноста, стабилноста и националната одбрана.
Претседателката ги реафирмираше нејзините заложби за продолжување на процесот на модернизација на Армијата и инвестиции во човечкиот капитал, потенцирајќи дека благодарение на посветеноста на македонските војници и офицери нашата држава беше и останува силен и доверлив партнер во регионалната и глобалната безбедност.
Во таа насока, таа го поздрави придонесот на македонската армија во колективната безбедност, преку активното учество во заедничките мисии и операции на НАТО, како и безрезервниот ангажман во справување и гасење на годинашните пожари во земјава.
На денешниот годишен брифинг министерот за одбрана, Мисајловски потенцираше дека и во следната година инвестирањето во одбранбените капацитети за потребите на Армијата, во персоналот, во нова современа опрема, во инфраструктура ќе продолжи со зголемен интензитет. Тој додаде дека со предвидениот Буџет за одбраната ќе се овозможи да се реализираат плановите за одбраната, а со тоа Армијата, која е еден од столбовите на државата, да биде секогаш подготвена да одговори на задачите и предизвиците. Мисајловски истакна дека безбедноста на граѓаните и на државата, како и придонесот во колективната безбедност, се од особена важност за континуиран просперитет на државата и дека од позиција на министер ќе го даде својот максимум за развој на македонската Армија.
Брифингот за борбената готовност на Армијата е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот кон претседателот и врховен командант на Вооружените сили, со цел претставување на состојбата на борбената готовност на Армијата за тековната, како и клучните задачи и планираните активности за следната година. вдј/нд/
Фото: МИА