• петок, 20 декември 2024

Горан Таневски, некогашниот вокал на Мизар, настапува во Куманово и ја почнува мини турнејата низ државата

Горан Таневски, некогашниот вокал на Мизар, настапува во Куманово и ја почнува мини турнејата низ државата

Куманово, 20 декември 2024 (МИА) - Горан Таневски, некогашниот вокал на групата Мизар, вечер настапува во Куманово и ја почнува мини турнејата во градовите низ државава, по објавата на првиот солистички албум „Асценд“ за издавачката куќа „Менарт“ од Хрватска. Кумановци ќе уживаат во албумот на Таневски во „Агора“, а турнејата продолжува утревечер во Штип, во кафе „Попај“ на 22 декември во Прилеп, кафе „Калинка“, на 24 ти во Скопје, Аудио Култура (со однапред утврдена резервација). Туренјата завршува во Битола на 25 декември во „Порта Џез“.

Таневски по објавувањето на сингловите „Wish a man“ и „Среќен ден“ го објави албумот „Ascend“, кој е достапен на стрим сервисите. „Ascend“ е првиот албум од трилогијата „Среќен сум дури и без себе“ поделен во три фази од животот на авторот. На албумот, покрај двата објавени сингла, има уште седум песни.

Илија Талев во рецензијата наведува дека „албумот „Ascend“ на Горан Таневски претставува уметничко дело кое ги надминува традиционалните музички граници, истражувајќи длабоки филозофски и духовни теми. Со уникатна вокална изведба и комплексна звучна текстура, овој албум го носи слушателот на патување низ различни емоционални и ментални состојби. Во својата суштина, „Ascend“ е албум што се занимава со трансценденцијата и личното преображение. Насловот, кој може да се преведе како „вознесение“, сугерира дека темите на албумот се длабоко вкоренети во идејата за духовен напредок и избавување од земските страсти“.

Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Неговата мистична појава и харизматичност, надополнета со неговиот изразито длабок вонземски вокал, придонесоа да стане еден од стожерите на македонската модерна алтернативна музика. Како составен и неодвоив дел од неговата матична група Мизар, учествува во создавањето на нивниот прв албум, едноставно наречен „Мизар“, во 1988 година, воедно и прв албум воопшто снимен на македонски јазик. Тој беше прогласен за најдобар фронтмен и вокал на територијата на поранешна Југославија. Исто така, албумот „Мизар“ беше прогласен за најдобар албум таа година. Своето учество го комплетира во создавањето на уште два албуми на групата: „Свјат Dreams“ (1991) и „Поглед кон цветната градина“ (2007). Оттука, појавата на албумот е фина пресвртница во новата историја, не само на македонската, туку и на целата поранешна југословенска музичка сцена, каде многу музичари оставија свој белег, но малкумина ги редефинираа неговите граници како Горан Таневски. ам/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан