• сабота, 28 декември 2024

Голем интерес на прилепските фирми за фотоволтаични централи

Голем интерес на прилепските фирми за фотоволтаични централи

Прилеп, 4 февруари 2023 (МИА) - Во Прилеп владее голем интерес од страна на правните субјекти за фотоволтаични централи и годинава се очекува уште поголема експанзија од лани. Ако лани од Секторот за урбанизам во прилепската локална самоуправа на правни субјекти им се издадени 50-тина решенија, од кои 40 за поставување на покривни конструкции, шест за на земјиште и три решенија за централи на био гориво, годинава само за еден месец има 30 барања.

Бранко Нешкоски, раководител на Секторот за урбанизам и просторно планирање во Прилеп вели дека допрва се очекуваат барања за обновливи извори на енергија.

- Барањата за поставување фотоволтаични панели за производство на електрична енергија нагло се зголемија. Барањата се за поставување панели на покривна конструкција кај правните субјекти и поставување на терен, на тлото. Во 2022 година од секторот за урбанизам се издадоа повеќе од 40 решенија за поставување панели за производство на електрична енергија, а за поставување на терен, на земјиште, се повеќе од шест. Се издадоа и 3 одобренија за градба на централи за добивање на електрична енергија од биогориво. Највисок процент на искористеност на енергијата имаат оние правни субјекти кои произведената електрична енергија ја користат за сопствени потреби, а имаат можност, со Законот за енергетика за продажба на произведената електрична енергија. Законски им се овозможи и на индивидуални објекти - семејни куќи кои може сега да произведуваат до 6 киловати. Кај правните субјекти сега од 1 е зголемена можноста за производство до 40 киловати без спроведување процедура. Сето што е над ова бара основен проект, објаснува Нешкоски.

Тој нагласува дека годинава почна со поденесени преку 30 барања за дозволи за фотоволтаични централи, при што најголем е интересот за нивно поставување на земја.

- До Комисијата за урбанизам од почетокот на годинава има повеќе од 30 барања за поставување панели на терен. Најверојатно овој бизнис станува многу интересен за стопанствениците. Со новиот закон за енергетика поставувањето панели за производство на електрична енергија беше до 1, а сега е до 10 мегавати. Како за поставување на покривна конструкција, така и на терен. Се дозволи општините да имаат поголема можност за одлучување. Општината може да издава дозволи на фотоволтаични централи за производство до 10 мегавати. За повеќе, постапката оди преку Министерството за транспорт и врски. За голема централа, со околу 30 мегавати има најава во Долненскиот регион, вели Нешкоски.

Тој посочува дека панелите на терен најмногу се поставуваат каде има соодветна инфраструктура, како трафостаница, далновод и пристапен пат, при што постои опасност од зафаќање на плодно земјоделско земјиште.

- Во светот тие површини двојно се искористуваат, панелите се поставуваат подигнато за да се користи земјоделското земјиште. Ние не сме стигнати до тоа, а таков начин бара и поголема финансиска конструкција, смета Бранко Нешкоски, раководител на секторот урбанизам во прилепската локална самоуправа.

Македонија е сончева земја, а меѓу водечките градови е и Прилеп. Најстарата централа во Прилеп, од пред десетина години е кај селото Лагово и од 1 мегават е проширена на производство до 3 мегавати. ем/сп/

 

Остани поврзан