Голем интересот на пациентките од североистокот за преглед на мамограф
- Одличен е интересот на пациентките од североисточниот регион за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, информираа денеска од оддел за радиодијагностика од општа болница Куманово. Мамографот е прилично нов апарат, на одделението се спроведува и ехо на дојка што е клучно за рана детекција и за какви било промени, велат лекарите.
Куманово, 16 декември 2024 (МИА) - Одличен е интересот на пациентките од североисточниот регион за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, информираа денеска од оддел за радиодијагностика од општа болница Куманово. Мамографот е прилично нов апарат, на одделението се спроведува и ехо на дојка што е клучно за рана детекција и за какви било промени, велат лекарите.
- Одличен е одзивот, редовно си доаѓаат, си закажуваат. Покриваме шест општини и се јавуваат патологии, на што се посклони повозрасните пациентки. Имаме пациентки од сите возрасти. Раното откривање е клучно и за понатамошен третман. Новиот апарат прилично ја олеснува работата, изјави началникот на одделот д-р Изаир Биљали.
За лекарите, исклучително важно е да се подигне свеста кај граѓаните за превентивно делување и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со малигни заболувања. Редовните мамографски прегледи овозможуваат откривање на ракот на дојка во рана фаза, а раната детекција, односно скринингот, е клучна за успешно лекување.
-Многу е важно и пациентот и матичниот лекар да ја следат состојбата. Матичните лекари треба редовно да ги праќаат пациентите над 40 години за преглед и редовни контроли, првин ехо, па потоа мамографија. Дневно имаме до 15-тина пациентки, изјави Биљали.
Претходно од болницата повикаа пациентките да ги ажурираат телефонските броеви кај матичните лекари за да не пропаѓаат термините за прегледи во болницата.ам/
Фото: МИА