• сабота, 28 декември 2024

Голем број компании од Куманово заинтересирани за практична настава на учениците

Голем број компании од Куманово заинтересирани за практична настава на учениците

Куманово, 7 февруари 2024 (МИА) - Приближно 90 проценти од анектираните кумановски компании сакаат да примаат ученици на изведување на практична настава, покажуваат податоците од анализата која ја спроведе секторот за образование од општина Куманово. Надлежните информираа дека се анкетирани 61 компанија, од кои 88,5 проценти се изјасниле дека сакаат да понудат практична настава за средношколците.

Според податоците од спроведената анализа потребни стручни кадри на бизнис секторот во општина Куманово за 2024 година по сектори се: економија, право и трговија од кои најбарани се економски техничар, бизнис администратор и техничар за е-трговија и дигитален маркетинг. Во здравство и социјална заштита најбарани се болничар негувател, фармацевтски техничар и медицинска сестра. Во секторот текстил, кожа и слични производи потребни се конфекционер, техничар за обувки и техничар за дизајн на облека. Заварувач, каросериски техничар, автомеханичар, инсталатер за греење и климатизација се потребни во сектор машинство. Во земјоделство, има потреба од градинар-цвеќар, сточар и лозар-овоштар. Во лични услуги традиционално има потреба од козметичар за нега и убавина, фризер и техничар за очна оптика. Предлог на компаниите има од градежна струка за ѕидари и фасадери.

- Во Куманово има 27 дуални паралелки што е задоволувачки. Важно е што наредниот период по социјалниот дијалог, училиштата ќе треба да достават предлог паралелки за упис во идната учебна година. МОН ќе го објави конкурсот на 31 март годинава изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Дуалното образование е систем во кој практикантството во компаниите се комбинира со училишни часови во стручно училиште. Ова е од голема важност, сметаат надлежните бидејќи таквото комбинирање придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини кои ги бараат работодавците т.е. компаниите. Во Куманово стручни училишта се општинските средни „Перо Наков“, Наце Буѓони“ и државното средно училиште, регионален центар за стручно образование, „Киро Бурназ“. ам/ир

Фото: МИА

Остани поврзан