• недела, 24 ноември 2024

Големи очекувања од словенечкото претседателство со ЕУ, одложувањето на почетокот на преговорите сериозна геостратешка грешка

Големи очекувања од словенечкото претседателство со ЕУ, одложувањето на почетокот на преговорите сериозна геостратешка грешка
Скопје, 21 март 2021 (МИА) – Премиерот Зоран Заев има големи очекувања од словенечкото претседавање со ЕУ кое почнува од 1 јули, годинава. Тој во интервју за словенечко „Дело“ изразува верување дека како земја членка на ЕУ, која недвосмислено ја реафирмираше својата определба за проширување со земјите од Западен Балкан, Словенија ќе направи сѐ што треба ЕУ да не ги изгуби европските вредности и принципи и ќе продолжи да ја испраќа кон земјите кандидати пораката за поддршка за членство. Ако некој заслужил да добие поддршка на следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Северна Македонија, вели тој. -Точно е дека со неодобрувањето на преговарачката рамка Северна Македонија губи драгоцено време, но сметам дека единствената исправна европска реакција е да се засилат барањата за да се почитуваат европските вредности и мислам дека Словенија ќе го заземе овој став за време на претседавањето со ЕУ и дека тоа ќе биде од огромен придонес за нов импулс во процесот за проширување на Унијата, вели Заев. Премиерот Заев во интервјуто порачува дека Северна Македонија е со поглед кон иднината и како пријателска земја така гледа и кон сите свои соседи. -Во таа насока, недвосмислени се нашите очекувања, а и очекувањата на целиот Западен Балкан, дека за време на словенечкото претседателство, треба да има видлив исчекор за нашата земја и за регионот кон ЕУ, потенцира претседателот на Владата Заев во интервјуто за електронското издание на „Дело“. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ и магазинот Еурактив, кое го пренесува МИА, изјави дека Северна Македонија стана лакмусов тест за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ, и затоа преговорите за нејзино пристапување во Унијата не смеат и понатаму да се одложуваат. – Одложувањето на почетокот на преговорите, кои ја засегаат и Албанија, би било сериозна геостратешка грешка бидејќи ќе има последици за целиот балкански регион, нагласува Османи. Напредокот на Северна Македонија во прифаќањето на различностите, помирувањето и односите со соседните земји, според него, треба да се гледа како репер за регионот и да биде награден. Поради тоа, вели Османи, многу е важно ЕУ да најде начин да ги започне пристапните преговори без понатамошно одложување. Во однос на ветото од Софија, Османи, сепак, е уверен дека по парламентарните избори во Бугарија во април ќе се отвори патот за порационален пристап што ќе овозможи решавање на билатералните разлики. Според Османи, сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија, го поддржуваат текстот предложен од Европската комисија за рамката за преговори со која формално ќе се воспостави пристапниот дијалог. – Важно е текстот на преоговарачката рамка да биде усвоен што е можно побрзо, и се надеваме дека тоа ќе се случи на Европскиот совет закажан за јуни, вели Османи, кој во четвртокот во Мадрид се сретна со шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонзалес Лаја. На средбата Гонзалес Лаја го уверила дека Шпанија ќе ја поддржува и помага Северна Македонија во процесот на преговори за прием во ЕУ. вг/скс/

Остани поврзан