• четврток, 26 декември 2024

Големиот победник на изборите во Холандија: Герт Вилдерс – холандскиот Доналд Трамп 

Големиот победник на изборите во Холандија: Герт Вилдерс – холандскиот Доналд Трамп 

Брисел, 23 ноември 2023 (МИА) – Убедлива победа на вчерашните предвремени парламентарни избори во Холандија извојува националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ), чиј лидер Вилдерс, честопати нарекуван и „холандски Доналд Трамп“, е познат по своите антиисламски, антиимигрантски и анти-ЕУ ставови. 

Тој во својата 25-годишна политичка кариери патот до вчерашниот изборен резултат го градеше со популистичка реторика и нагласување на главните грижи на холандските гласачи, но и со нарекување на Мароканците „ѓубриња“, поради што му беше изречена и судска казна, како и со организирање на „конкурси“ за карикатури на пророкот Мухамед и со промовирање на својата „мисија за запирање на исламската инвазија на Западот“. Поради ваквите ставови во 2004 година доби закани по животот, поради што беше ставен под полициска заштита. 

Сепак, во последните настапи во текот на кампањата, Вилдерс делумно ретерираше во своите позиции, изјавувајќи дека е подготвен да ги „замрзне“ своите ставови за Исламот со цел да учествува во Владата, бидејќи Холанѓаните имаат „поголеми проблеми од борбата против напливот на баратели на азил и имигранти“, како што се зголемените трошоците за живот, здравствената заштита и безбедноста. 

Но, и покрај ублажената предизборна реторика на Вилдерс, Изборната програма на ПВВ го задржа неговиот остар антиимигрантски тон. 

Во синоќешниот настап пред членовите и симпатизерите на ПВВ во Шевенинген по објавувањето на првичните изборни резултати, Вилдерс изјави дека победата на партијата на изборите и носи и „огромна одговорност“, како и дека другите партии сега не може повеќе да ја игнорираат откако освои 35 пратенички места. 

- Гласачите порачаа: Доста ни е. Ќе се погрижиме Холанѓанецот повторно да биде на прво место. Холанѓанецот, исто така, има надеж дека ќе си ја поврати својата земја, истакна Вилдерс.  

Според Вилдерс, ПВВ ќе се погрижи за враќање на Холандија на Холанѓаните и за ограничување на миграцијата.  

- Ние ќе се погрижиме луѓето да добијат повеќе пари во паричниците. Повторно да има ред и безбедноста. Би сакал да им се заблагодарам на сите во Холандија за нивните поддршка, истакна Вилдерс.  

Тој исто така се обрати до останатите партии порачувајќи име дека „мора да бараат договор“ и „да работат заедно“.   

- Од оваа одлична позиција, ПВВ сака да соработува со други партии. Мора да излеземе со решенија, во рамките на Уставот, порача Вилдерс.  

Вилдерс е роден во 1963 година во Венло, во близина на границата со Германија, во католичко семејство во доминантно протестантската Холандија. Интересно е што Вилдерс ја гради својата политичка кариера на антиимигрантска политика, а неговата мајка е половина Индонезијка, факт што тој ретко го спомнува. 

Во политиката Вилдерс влегува во 1998 година како член на либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), која ја напушта во 2006 година и ја формира ПВВ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан