• сабота, 23 ноември 2024

Голема разлика во бројот на вакцинирани меѓу земјите членки на ЕУ

Голема разлика во бројот на вакцинирани меѓу земјите членки на ЕУ
Брисел, 6 јули 2021 (МИА) – Според податоците што ги објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), во ЕУ, која има население од 450 милиони жители, околу 225 милиони луѓе се вакцинирани со една доза од почетокот на годината досега, јави агенцијата Анадолија. Бројот на луѓе кои се целосно имунизирани надминува 147 милиони. Со ова, 61,5 проценти од возрасната популација во ЕУ примила прва доза од вакцината, додека процентот на целосно вакцинирани возрасни лица достигна 40,2 отсто. Со овие бројки ЕУ се доближи до зацртаната цел „да се администрира најмалку првата доза вакцина кај 70 проценти од возрасната популација во ЕУ до јули“ поставена од Комисијата на ЕУ, но сепак целта сè уште не е во целост исполнета. Според Анадолија, кога поединечно ќе се погледнат земјите членки, се забележува голема разлика во стапките на вакцинација. На пример, во Белгија, каде што стапката на вакцинација е највисока, 78 отсто од возрасните лица примиле една доза од вакцината, додека во Бугарија оваа стапка изнесува 17 проценти. По Белгија, земји со највисока стапка на вакцинирани возрасни лица се Холандија со 73,3 проценти, Финска со 73, Малта со 72 и Данска со 70,5 отсто. Земји во ЕУ со најниска стапка на вакцинирани по Бугарија се Романија со 30 отсто, Летонија со 39, Хрватска со 43,7, Словачка со 44,3 и Словенија со 46,7 проценти. Стапката на вакцинирани меѓу останатите земји членки на ЕУ се движи од 50 до 60 проценти. Првата доза е администрирана кај 67,4 проценти од возрасните во Италија, која е една од најнаселените земји во ЕУ. Следуваат Шпанија со 65%, Германија со 64,2% и Франција со 63,6 отсто. Во земјите од ЕУ се дистрибуирани повеќе од 430 милиони дози вакцини, од кои се администрирани приближно 364 милиони дози.

Остани поврзан