• среда, 27 ноември 2024

Голема Богородица ќе се одбележи во Бигорски и црквата заштитничка на Дебар

Голема Богородица ќе се одбележи во Бигорски и црквата заштитничка на Дебар

Дебар, 27 август 2023 (МИА) - Во познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир и во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ќе биде одбележан празникот Голема Богородица.

-На денот кога го славиме сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во свештената Бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, со Света архијерејска Литургија, што ќе започне денеска, на 27 август, во 21 часот. Во текот на богослужението, пред Богородичната плаштаница во цветниот епитаф, ќе се испеат Богородичните статии, информираа од Бигорската Обител.

Додаваат дека Бдението ќе заврши со Божествена Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува игуменот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

Дебрани, ќе го одбележат патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, која се смета за заштитничка на градот.

Како што информираше намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски, во чест на овој голем празник на Мајка Богородица, утре, со почеток во 7:20 часот ќе се одржи света Златоустова литургија, на која се очекува присуство и на поранешни жители на градот и нивни потомци.

Овој божји храм се наоѓа во населбата Варош, во горниот дел на градот, изграден е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во нашата држава. Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од 19 век.

Порано била главен соборен храм на Дебарското архијерејско намесништво и била седиште на Дебарската митрополија, која опфаќала простор сè до соседниот албански град Пешкопеја. Потврда за тоа е и фактот што и ден денес просторот до црквата дебрани го нарекуваат митрополија. вт/вј/

 

Фото: Дебарска парохија

Остани поврзан