• четврток, 26 декември 2024

НФФ: Пласманот, ниските откупни цени и климатските промени - главни проблеми на земјоделците

НФФ: Пласманот, ниските откупни цени и климатските промени - главни проблеми  на земјоделците

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Пласманот, ниските откупни цени и климатските промени ја отежнуваат работата во земјоделството и се главни носечки проблеми коишто ги имаме во произвдоството, истакна претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ) Васка Мојсовска на денешното редовно Годишно собрание на НФФ.

Таа рече дека тие како Федерација вршат притисоци врз институциите со цел барем малку да се ублажи ситуацијата или проблемите со коишто се соочуваат во текот на производството на храната.

-Еден од побитните работи коишто успеавме како организација да ги издејствуваме а тоа е за регистрираните индивидуални земјоделски коишто се регистрираат преку пензиско инвалидско осигурување да можат да го остварат правото на мајчинство. Овие жени долги години, веќе 30 години не можеа да го остварат тоа право. Ние со поддршка на „We Effect“ формиравме една работна група во која што беа вклучени Министерството за земјоделство, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравство, Пензискиот фонд, Управата за јавни приходи, Платежната агенција, работевме цела година и се најде пилот решение во коешто Министерство за земјоделство се заложи да го пилотира и првпат во 2023 година овие жени кои ќе се остварат како мајки ќе можат да го остварат правото на мајчинство, рече Мојсовска.

Засега, појасни, ќе биде како пилот мерка на Министерството за земјоделство  и преку нивна програма жените ќе можат да го остварат тоа право. Но истата група со поддршка на We Effect, ќе продолжи да работи на трајно и системско решение со цел да може да се изменат дел од законите за да биде трајно решение. Работиме и за решавање на проблемот за правото на болничко боледување со кое се соочуваат индивидуалните регистрирани земјоделци, за да можат да го остварат.

Мојсовска потенцира дека тие како Федерација поттикнале изработка на правилници од продажба на куќен праг во Агенцијата за храна. Таа истакна дека со години откупните цени им се пониски, работната сила во недостаток, а растат и импутите на производство - струјата, нафтата.

-Но, откупувачите ни тука не наоѓаат некое разбирање на земјоделците и ги нудат тие откупни цени коишто ги нудат и коишто се приморани земјоделците да ги даваат своите земјоделски производи. Како организација сметаме дека договореното производство би можело да помогне и со однапред склучување на договори, односно на стартот на самата производна година би можело да се најде барем некое решение за производството, да не има хипер продукција или намалување на некои земјоделски производ. Со склучување на тие договори и со двострано почитување на договорите би можело да се ублажи ситуацијата со пласманот на земјоделските производи, рече таа.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски истакна дека им се потребни партнери со јасна визија, кои се директно вклучени и од терен го пренесуваат гласот на земјоделците и тоа треба да се цени. Потенцира дека жените земјоделки првпат во историјата ќе добијат право да користат платено отсуство за мајчинство.

Успеси има и реализацијата на мерката „Рурална жена“, односно промената на критериумите за апликациите во последните неколку години.

-Имавме 254 апликации за по три илјади евра, па заеднички ги стегнавме критериумите за да бидат таргетирани точно жените земјоделки. Од 2018 година пред почетокот на мерката, досега имаме пет илјади нови регистрирани жени земјоделки кои што се носители на земјоделски стопанства. Овие се бројки и податоци кои што покажуваат дека мерките кои што сме ги презеле даваат резултати, рече Николовски.

Тој истакна дека чекаат уште многу закони што треба да бидат донесени во Собранието, а како што информира дека денеска ќе упати писмо до претседателот на Собранието и до претседателот на матичната Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство дека Законот за виното, Законот за органско производство, Законот за рибарство, но и многу други закони со кои што се усогласуваме со Европската унија се веќе во собраниска процедура и оти верува дека ќе наидат на поддршка. 

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека еднаквите можности на мажите и жените го покажуваат степенот на демократија на едно општество. Посочи дека креираните политики нема да имаат влијание доколку претходно за нив не разговарале со граѓаните и не ги слушнале нивните потреби.

-Политиките можат да ги имаат вклучено и нависоките меѓународни  стандарди, но доколку во нив не е гласот на секој еден маж кој се соочува со предизвици, на секоја една жена која што се бори за родова еднаквост и на секое едно дете кое заслужува да живее безгрижно детство, тогаш ако ова не е вклучено, нема да имаме успешни политики. Жените во руралните средини веќе подолг временски период посочуваат на потребата од регулирање на мајчинското отсуство. Наша должност како Министерство за труд и социјална политика, како МЗШВ и како Влада е да одговориме на потребите на сите граѓани, рече Тренчевска.

Таа потенцира дека со Програмата за обезбедување на социјална сигурност на жените кои што вршат земјоделска дејност првпат жените земјоделки можат да остварат право на користење на надоместок за мајчинство. Потенцира дека ова е пилот решение, посочувајќи дека продолжуваат и понатаму да креираат политики и решение што ќе биде системски и со кое што, како што рече, ќе потврдиме дека навистина сме направиле исчекор кон унапредување на правата на жените во нашата држава.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан