• среда, 25 декември 2024

Годишно собрание на Асоцијацијата за е-трговија

Годишно собрание на Асоцијацијата за е-трговија

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ вчера го одржа своето Годишно собрание. Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска го отвори собранието и им посака добредојде на присутните, а поздравни обраќања имаа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓоревска.

Како што соопшти АЕТМ, во својот поздравен говор, претседателката на АЕТМ Ангеловска упати благодарност кон членките од бизнис секторот, донаторите и институциите кои го препознаваат потенцијалот на АЕТМ и активно придонесуваат за развојот на е-трговијата во нашата земја.

-Заедничкиот пристап е многу важен, а уште повеќе кога зборуваме за е-трговијата која што е комплексен екосистем кој зависи од многу делчиња кои треба да го дадат својот придонес за да може да имаме промени и движење напред, кои на сите ни се потребни. Веруваме дека и понатаму ќе го задржиме таквиот пристап и дека секоја година на годишните собранија на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ќе можеме со гордост да ги видиме резултатите од сработените активности од претходната година, реализирани со заеднички напор на членките, партнерите, институциите, донорите и сите поединци кои лично се залагаат за развојот на е-трговијата, истакна Ангеловска. 

Министерството за финансии на Република Северна Македонија е една од институциите со која Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ активно соработува во изминатиот период, со цел подобрување на регулативата и обезбедување на околина за раст и развој на компаниите од целиот екосистем на е-трговија.

-Живееме во време кога технологиите и дигитализацијата имаат големо влијание врз сите процеси во општеството. Дигитализацијата навлегува во секој економски сектор и ги прави адаптибилни на новите услови. Тоа ги менува и однесувањата на потрошувачите и бизнисот. Во такви услови цел на Владата на Министерството за финансии е да го направиме бизнисот побрз, да го олесниме работењето и да ги отстраниме административните оптоварувања во сите полиња. Со дигитализација јавните услуги стануваат поквалитетни и побрзи, значително се намалува времето потребно за завршување на административните постапки, а со тоа јавната администрација и институциите стануваат поефикасни, рече Бесими.

Во таа насока, како што кажа, Владата меѓу другото работи на зајакната дигитализација на процесот на фактурирање во економијата.

-Проектот е-фактура којшто ќе овозможи дигитално издавање, достава и прием на фактурите во електронски формат од страна на даночните обврзници, преку нова платформа во УЈП, која ќе ги евидентира сите фактури кои произлегуваат од реализираниот промет помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги, како и интернет продавниците. Главната цел e навремено откривање на непријавен и неплатен данок од даночните обврзници и со тоа намалување на сивата економија, рече министерот Бесими.

По завршувањето на воведните обраќања, продолжи работниот дел на Собранието каде беше даден осврт на сработените активности во изминатата 2022 година и беше презентиран и усвоен планот на активности за 2023 година на АЕТМ.

Согласно планот на активности, во 2023 година активностите на АЕТМ ќе бидат насочени кон активности кои ги адресираат четирите клучни предизвици на е-трговците: сивата економија, меѓуграничната е-трговија, унапредувањето на понудата и зголемување на едукацијата. И оваа година АЕТМ ќе продолжи со реализација на клучните годишни иницијативи - годишната анализа за е-трговија, регионалната конференција за е-трговија и годишните награди за е-трговија за 2023 година.

Покрај овие иницијативи, во 2023 АЕТМ продолжува со започнатата иницијатива во 2021 година за развој на регионална платформа за олеснување на меѓуграничната е-трговија “Ecommerce4all.eu”, која претставува центар со ресурси и информации за воспоставување и водење на бизнис со е-трговија во било кој од седумте пазари од ЦЕФТА.

АЕТМ, исто така, продолжува и со развој на Беџот за верификуван е-трговец, со цел континуирана борба против сивата економија и нерегистрираните продавачи во е-трговијата. Покрај презентираните клучни проекти и иницијативи, во планот и програмата има и активности како сесии за вмрежување, едукативни сесии и други настани кои произлегуваат од потребите на членовите.

Инаку, во изминатата 2022 година како клучни активности на АЕТМ беа истакнати организацијата на најголемата конференција за е-трговија во регионот, на која присуствуваа повеќе од 600 учесници, објавувањето на годишната анализа за е-трговија и изборот на најдобрите во е-трговијата, нивна најнова иницијатива за зголемување и подобрување на компетитвноста кај е-трговците и препознавање на нивните годишни напори и успеси за подобрување на е-трговијата во државата. Покрај ова, АЕТМ активно работеше на реализација на бројни иницијативи меѓу кои: пазарната анализа за идентификување на практиките на гео-блокирање во е-трговијата во пазарите на ЦЕФТА, иницијативите “Agri e-commerce” и едукативната програма „Дигитални вештини за раст“, преку кои беа поддржани вкупно 40 претставници од агри секторот, ИКТ и секторот за туризам кои ги зајакнаа своите дигитални вештини за е-трговија и дигитален маркетинг и беа поврзани со локални веб-платформи за е-трговија за онлајн продажба на нивните производи. Во соработка со Државниот завод за статистика, беше организирана тркалезна маса за подобрување на квалитетот на статистичките податоци за е-трговијата, а беше организирана и едукативна обука „Користење на личните податоци во директен маркетинг при е-трговија“ како и бројни други активности.

На Сообранието исто така беa презентирани и активностите кои беа реализирани во рамки на Алијансата на родова еднаквост на работното место - ГЕА во текот на 2022 година, за чие делување беше отворена подружница во рамките на АЕТМ изминатата година. ГЕА се стреми да ја отклучи моќната синергија помеѓу е-трговијата, дигитализацијата и придонесот на жените на работното место. Во 2022, во рамки на ГЕА беше изработена едукативна кампања за подигнување на свеста за родовите стереотипи на работното место и беше организирана конференција за родова еднаквост на работното место во соработка со ЦУП, а под покровителство на Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија. ГЕА и во 2023 година продолжува да се стреми да придонесе кон еднакво вреднување на трудот, еднакви можности и еднаква застапеност на мажите и жените на работното место. ев/лв/

Фото: АЕТМ

Остани поврзан