Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на личните податоци на Комисијата за политички систем
- Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ја одржи 29-тата седница.
Скопје, 13 јануари 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, денеска, во рамките на 29-тата седница, ќе го разгледа годишниот извештај за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2024 година.
Како што се посочува во извештајот, предизвик за Агенцијата и понатаму останува недостигот на стручен кадар со посебен фокус на експерти од областа на заштитата на личните податоци и информатичките науки, кои се клучни за ефективната имплементација на законодавството за заштита на личните податоци.
Агенцијата ќе продолжи да работи на зајакнување на својот независен статус, особено во делот на управувањето со човечките ресурси и обезбедување независни буџетски средства преку создавање соодветна регулаторна рамка. Во оваа насока, продолжува процесот за донесување на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на личните податоци, со што ќе се обезбедат потребните ресурси за ефективно извршување на функциите и овластувањата на Агенцијата.
Со цел дополнително унапредување на заштитата на личните податоци во 2024 година беше донесена и стратегијата за спроведување на правото за заштита на личните податоци за периодот 2025 - 2030, која ќе почне да се применува во наредниот период. Оваа стратегија претставува клучен документ за долгорочен развој и унапредување на механизмите за заштита на личните податоци во земјата обезбедувајќи континуитет и усогласување со европските стандарди.
На тој начин Агенцијата ќе продолжи да работи на обезбедување самостојно, независно и непристрасно функционирање во согласност со принципите на општата регулатива за заштита на податоците. фф/вг/
Фото: МИА Архива