Годишниот извештај за работата на ДКСК пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците
- Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаа за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021
Скопје, 9 мај 2022 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаа за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021 година.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска го презентира Извештајот и наведе дека во 2021 година имаат нови простории, зголемен број вработени и додаде дека донираната компјутерска опрема од ЕК станала функционална. Посочи дека само 53 отсто од работните места се пополнети.
Информира дека во 2021 година граѓаните продолжиле да пријавуваат незаконитости и нерегуларности во работењето на службените лица или ДКСК примила 720 пријави од граѓани со сомневања за постоење коруптивно однесување, злоупотреба на јавната функција, постоење судир на итереси и оформи 84 предмети по сопствена иницијатива, а поведе и 710 прекршочни постапки за ненавремено поднесени изјави за имотна состојба и интереси.
-ДКСК донесе 675 одлуки, од кои за корупупција 390, за судир на интереси 152, за непочитување на забраните во текот на изборниот процес 41, од областа на проверка на податоците од анкетните листови 92 и издаде 85 мислења по барање за потенцијален судир на интереси, нагласи Ивановска.
Таа потенцира дека 2021 година не донесе значајни промени во законската регулатива и не ја намали злоупотребата на законските решенија поради непрецизни или нејасни одредби, така што, како што рече, влијанијата по партиски, роднински, пријателски релации и понатаму останаа доминантни во сферата на вработувањата и јавниот сектор.
- И понатаму е присутна злоупотребата на функции, дискрециони овластувања при издавање разни дозволи, одобренија, договори, создавање услови за фаворизирање на компании и сл. Противправното градење на државно и приватно земјиште овозможено со одредбите од законот во областа на урбанизмот, градењето, животната средина, непостапувањето на инспекциските служби и нивниот клиентелизам кон центрите на политичка моќ и бизнис елити не им остава простор на граѓаните дури ни пред судовите да си ги одбранат своите со Устав загарантирани права за еднакви можности при вработување, право на заштита на сопственоста и право на чиста животна средина, потенцира Ивановска.
Во дискусијата се вклучија пратениците Драган Ковачки, Жаклина Лазаревска, Панчо Минов и Љупчо Пренџов, кои дадоа поддршка на работата на ДКСК. Предложија да се прецизираат, да се зголемат надлежностите на ДКСК и да се одобри поголем буџет за оваа институција, како и повеќе вработувања.
Ковачки рече дека е разочаран од бројот на нереализирани активности на ДКСК. Тој ги сумираше податоците презентирани во Извештајот и рече дека од 111 активности за 2021 година, реализирани се само 22 или околу 20 отсто.
Лазаревска порача дека треба институциите да разберат која е важната улога на оваа комисија заради спречување корупција. Таа смета дека пратениците треба добро да ги прочитаат предложените препораки во Извештајот и да делуваат врз институциите да го прават тоа што се бара од нив. Напомена дека треба да се почитува Уставот, законите и да има еднаков третман за сите.
Ивановска, реплицирајќи им на пратениците, рече дека ги спровеле вработувањата согласно сите законски одредби. - Оваа година се изборивме за 14 нови вработувања, во тек е огласот и уште три успеавме да обезбедиме преку преземања. Целиот мандат го потрошивме на обезбедување услови, обезбедување вработувања, простори, софтвери итн., изјави Ивановска. Додаде дека покрај тоа што обезбедуваат услови за работа, ги работат и предметите. Таа изрази надеж дека откако ќе се инсталира главниот софтвер до крајот на годината тогаш ќе можат да покажат повеќе резултати.
Таа апелираше пратениците секогаш кога ќе дојдат до некакви сознанија да поднеста пријава со сите можни информации и аргументи, да влезе во тековна процедура како предмет.
Расправата за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021 година ќе продолжи по паузата, во 15 часот. мд/са/