• среда, 13 ноември 2024

Годишнина од ослободувањето на Аушвиц, Шолц загрижен поради јакнењето на екстремната десница

Годишнина од ослободувањето на Аушвиц, Шолц загрижен поради јакнењето на екстремната десница

Берлин, 27 јануари 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази загриженост поради порастот на екстремно десничарските тенденции во неговата земја 79 години по ослободувањето на логорот за истребување Аушвиц.

„Постојано има нови извештаи: за неонацистите и нивните мрачни мрежи“, рече социјалдемократот во снименото видео обраќање објавено денеска во знак на сеќавање на ослободувањето на Аушвиц. Логорот беше ослободен од советските трупи на 27 јануари 1945 година.

„Истовремено, десничарските популисти стануваат се посилни, поттикнуваат страв и сеат омраза“, рече Шолц, додавајќи дека тоа не смее да се прифати.

Протестите против екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) земаат замав по информациите дека двајца високи членови на партијата присуствувале на состанок на кој се разговарало за плановите за масовна депортација на граѓани од странско потекло. Протестите низ земјата влегуваат во третата недела.

Демонстрантите сакаат да ја ограничат поддршката за АфД, која е на второ место на национално ниво и прва во трите источни германски покраини каде што годинава се одржуваат избори.

„Кохезијата на демократите ја прави нашата демократија силна“, рече Шолц.

„Добро е чувството самоуверено да се покаже во јавноста - како што се случува сега“, додаде тој.

Канцеларот, исто така, ја поздрави значајната одлука за прекин на финансирањето на радикалната десничарска партија Татковина, што ја поттикна дебатата за тоа дали може да се преземе сличен чекор против националистичката партија АфД, нарекувајќи ја одлуката „многу добра“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан