Годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи
- Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 12. годишна конференција на која се очекува да се развие суштинска и содржајна дискусија за присуството и влијанието на странцизмите во македонскиот и албанскиот јазик, како и за чекорите кои треба да се преземат за соодветен развој, унапредување и зачувување на јазичните стандарди, како на полето на преведувањето, така и пошироко.
Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) - Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 12. годишна конференција на која се очекува да се развие суштинска и содржајна дискусија за присуството и влијанието на странцизмите во македонскиот и албанскиот јазик, како и за чекорите кои треба да се преземат за соодветен развој, унапредување и зачувување на јазичните стандарди, како на полето на преведувањето, така и пошироко.
Како што е најавено, конференцијата ќе започне со воведно обраќање од претседателката на ЗПРМ, Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, по што следуваат излагања на темата „Влијанието на технологијата врз преведувањето и врз толкувањето“.
Во претпладневниот дел од програмата со свои излагања ќе учествуваат д-р Костадин Мишев, (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) на тема „Иднината на преведувањето - надополнување на човечката експертиза со вештачката интелигенција, м-р Андријана Павлова (Институт за македонски јазик) која ќе говори за „Создавање специјализирани GPT-модели и нивната примена во преведувачката дејнoст“, а Никола Трајков, (Things Solver) ќе презентира какo е креиран и какo рабoти MKLLM-7B - open source јазичниот мoдел за македoнски јазик. Исто така, во овој сегмент ќе се говори и за тековната ситуација со примената на компјутерските јазични модели и вештачката интелигенција во преведувањето, но и пошироко.
Попладневниот дел од конференцијата е предвиден за панел дискусија на темата „Справувањето со странцизмите при преведувањето“ која ќе биде модерирана од Огнена Никуљска (ЗПРМ), професор и реномиран книжевен преведувач, а во неа ќе земат учество проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ – Скопје, д-р Татјана Ефтимоска, професорка по македонски јазик и лекторка, професорите од Филолошкиот факултет д-р Радица Никодиновска и д-р Исмет Османи, како и претставниците од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Борче Арсов. цр/
Фото: принтскрин од соопштение на ЗПРМ