• среда, 25 декември 2024

„Годишна изложба“ и протест на членовите на ДЛУМ

„Годишна изложба“ и протест на членовите на ДЛУМ
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Членовите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) вечерва во „Мала станица“ ја отворија својата „Годишна изложба“ и воедно одржаа протест од кој упатија неколку барања до Владата и Министерството за култура. Со транспаренти во раце: „ДЛУМ 75 години без простор“, „Бараме вработување“, „Достоинствени услови за уметниците!!!“, „Поголем медиумски простор за култура!!!“, „ДЛУМ пред стечај“, уметниците побараа Галериски простор, поништување на финансиски долг кон ГТЦ, вработување и слично. Јана Манева Чупоска, претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија изјави дека главните точки кои што ДЛУМ ги бара се професионално дејствување во својата област. Таа информира дека овие барања ги истакнала на неодамнешниот состанок со правна службеничка во Министерството за култура и посочи дека уште немаат одговор. Манева Чупоска посочи дека нема да застанат се додека властите не ги разберат сериозно и не ја почитуваат нивната професија. - Мислам дека сме единственото здружение коешто апсолутно нема никакви услови. Ние во месец јуни потпишавме меморандум за соработка со неколку здруженија - Друштво на писателите и Сојузот на композиторите каде во разговор утврдивме дека тие се далеку во подобра ситуација. ДЛУМ бара галериски простор, ДЛУМ бара едно вработување, ДЛУМ бара Владата да го поништи долгот спрема ГТЦ, кога ДЛУМ имаше галерија на Кејот. Оттогаш значи од самото постоење ДЛУМ е навистина сираче коешто секогаш било на сите страни отфрлено. Имаме силен аргумент да се обратиме до надлежните институции, пред се до Владата и до Министерството за култура и другите министерства коишто ќе сметаат дека ќе може да ни помогнат во пронаоѓање на галериски простор, рече таа. Оние неубави работи и тепачките меѓу младите, претседателката на ДЛУМ смета дека се резултат на тоа што младите апсолутно не посетуваат доволно музеи и не посетуваат културни настани. Таа смета дека во медиумите недостасува поголем простор за култура. - Можеби некој ќе рече имате самоодржливост. Не е возможно самоодржливост во ситуација кога треба да вратите, 3, 4, 5 милиони денари на ГТЦ. Треба да платите сметки кон ЕВН коишто не сме ги направиле ние затоа што некој се вклучил на броилото на ДЛУМ и троши струја во име на ДЛУМ. Значи ние сме цело време на патот за некакви исправување на грешки, што државата апсолутно треба да ги има под контрола. Бараме силен глас, силен апел надлежните институции да не повикаат да разговараме, бидејќи ова според мене тоа е апсолутно едноставна работа која што може да ја направи Владата за пет минути. На една седница на Владата може да го поништи долгот кон ГТЦ бидејќи тие се акционери во ГТЦ. Може да ни помогне и во соработка со кој било да ни даде во централното градско подрачје соодветни услови, галерија каде што ние достоинствено ќе можеме јавно да го презентираме творештвото на денешните уметници, но не само на денешните, туку и тие што го основале ДЛУМ, истакна Манева Чупоска. Според неа, лесно е да се согласат дека ДЛУМ нема потреба да постои и да се формира ново друштво. - Тоа се опасни тези, коишто во овој период ги слушам. Ние уметниците нема тоа да го дозволиме. Единствено можам да претпоставам, бидејќи ДЛУМ ќе влезе стечај не ќе може веќе да се финансира од никаде и ќе треба да се затвори. Се надевам дека тоа нема да се случи. Навистина очекувам да не повикаат. Ние пративме писмо до премиерот да не повика на разговор, рече Манева Чупоска. фф/сп/

Остани поврзан