• среда, 18 декември 2024

Години кои длабоко ја променија Полска

Години кои длабоко ја променија Полска

1 октомври 2023

Дојче Веле

Спорни судски реформи, расправија со Европската унија, речиси целосна забрана на абортусот, послушни медиуми и дарежливи социјални програми: партијата Право и правда (ПиП) владееше со Полска осум години - и го трансформираше општеството, државата и медиумите. Дури и да ги изгуби изборите, ќе останат некои длабоки промени.

Социјалните програми како изборни средства

Јасните профитери на политиката на ПиП се околу три милиони семејства со деца кои добиваат месечен детски додаток, кој првпат беше воведен во Полска во 2016 година. (околу 110 евра) по дете месечно за родители. ПиП во овогодинешната изборна кампања се потпира на докажани стратегии - сега ветува „800 плус“, зголемување на детскиот додаток за дополнителни 300 злоти, односно на околу 170 евра.

Партијата им се додворува и на пензионерите. Од 2016 до 2023 година пензиите беа неколкукратно зголемени, а се исплаќаше и т.н. „тринаесетта пензија“. ПиП сега ветува „четиринаесетта пензија“ од 2024 година - доколку биде реизбрана. Дарежливите социјални програми се многу популарни. Доколку друга партија дојде на власт, треба добро да размисли за укинување на овие програми, иако тие го оптоваруваат државниот буџет.

Членови на ПиП на клучни позиции

Во овој предизборен период државните фирми повторно во изобилство делат изборни подароци. Еден месец пред изборите, Данијел Обајтек, првиот човек на државната нафтена компанија „Орлен“ и член на ПиП, толку ги намали цените на бензините што беа значително под пазарните. Толку многу возачи од соседна Чешка направија „аџилак“ во Полска за да наполнат гориво што чешките медиуми веќе почнаа да пишуваат за „тенк-туризам“. По изборите, цените најверојатно ќе се вратат на нормално ниво.

Луѓето како Данијел Обајтек остануваат поврзани со ПиП и по изборите - затоа што имаат за што да и се заблагодарат на партијата. За две години, Обајтек се издигна од градоначалник на еден мал град до извршен директор на нафтен гигант и доверлив човек на лидерот на ПиП, Јарослав Качински. За критичарите, молскавично брзата кариера на Обајтек е пример за пополнување на државни позиции со партиски луѓе, како што беше случај на многу други места во текот на осумте години од владеењето на ПиП. Тие би можеле да влијаат врз владеењето на Полска во корист на ПиП, дури и ако партијата ги загуби изборите.

Судството под контрола на власта

Еден од најистакнатите случаи на овие нови назначувања во ПиП е поранешната дипломатка и адвокатка Јулија Пржилебска, која беше избрана за претседател на Уставниот суд на крајот на 2015 година. Нејзиниот избор е контроверзен бидејќи некои нормални фази во процедурата за именување биле прескокнати. Скокот во кариерата на Пржилебска го симболизира стратешкото преструктуирање на судството кое ПиП го спроведува откако дојде на власт.

Реформите во правосудството се едно од најтешките наследства што партијата ги остава зад себе по осум години на власт. Реформата е критикувана од ЕУ за загрозување на независноста на судството, односно затоа што судиите и државните обвинители се подредени на владата. Секој судија или државен обвинител кој тоа го критикува е маргинализиран и игнориран.

Ова му се случи и на судијата од Варшава, Игор Тулеја, кој на отворено судско рочиште откри прекршување на собраниските правила од страна на членовите на ПиП, па беше суспендиран на две години. Во меѓувреме, на Тулеја повторно му е дозволено да работи како судија - Европскиот суд за човекови права, меѓу другото, ја прогласи неговата суспензија за незаконска - судиите и обвинителите сè уште се ограничени во работата.

Европската унија покрена неколку правни постапки против Полска, изрече казни, скрати средства. Таа земја сè уште нема добиено никаква помош од Брисел за ублажување на последиците од пандемијата на коронавирусот. ПиП се обидува да го намали значењето на недостатокот на тие милијарди, но тоа може да претставува сериозен економски проблем за Полска на долг рок.

Медиумите претворени во пропагандни инструменти

Од својот прв ден на власт, ПиП тргна да ги реструктуира полските медиуми. Јавните медиуми, кои дојдоа под контрола на власта веднаш по изборната победа на крајот на 2015 година, оттогаш постојано пренесуваат само позитивна слика за ПиП и ставаат на дневен ред теми важни за владејачката партија. Независните новинари, оние кои не сакаа да го следат овој нов курс, или беа отпуштени или беа принудени да дадат отказ.

Но, и тоа влијание не беше доволно за ПиП. Партијата повика на „повторна полонизација“ на медиумите. Во декември 2020 година, нафтената компанија „Орлен“ објави дека сака да ја купи медиумската компанија „Полска прес“ од германската издавачка групација „Пасау“. Со ова една државна компанија постигна уредувачка контрола на 20 локални весници, 120 неделници и 500 интернет портали. Малку по малку редакцијата ја заменија новинари блиски до ПиП.

Од друга страна, новинарите од независните медиуми, како либералната „Газета Виборча“, се бомбардирани со тужби и на тој начин заплашувани. Дополнително, државните институции повеќе не се рекламираат во медиумите кои ја критикуваат владата, што значи дека приходите од реклами – важен извор на финансирање за многу медиуми – значително се намалија. Новинарството кое ги критикува властите е значително ослабено по осум години владеење на ПиП.

Против ЛГБТК заедницата и мигрантите

Партијата Право и Правда се обидува да го сврти јавното мислење во своја полза - и особено агитира против две групи граѓани: квир луѓе, кои претседателот Анджеј Дуда, кој е близок до ПиП, во 2020 година ги опиша како „не луѓе, туку идеологија“. И мигрантите.

Пропагандата против бегалците е составен дел од агендата на ПиП. Мигрантите - покрај носителите на либералните вредности од Запад кои се отфрлени - се закана за католичките вредности и традиции на Полјаците, според ПиП. Сепак, за време на предизборната кампања се дозна дека високи владини функционери им продавале шенген визи на мигранти од муслиманските земји преку посредници. Многумина го гледаат тоа како доказ за дволичноста на ПиП.

Ксенофобичното чувство со кое ПиП постојано си поигрува во последните години особено ја зајакна десничарската екстремистичка партија „Конфедерација“, која може да стане трета најмоќна партија во земјата.

Рестриктивни прописи за абортус

Дел од наследството на ПиП е значителното заострување на веќе рестриктивните закони за абортус. Во октомври 2020 година, и покрај масовните протести, Уставниот суд под претседателство на Јулија Пржилебска одобри закон со кој се дозволува абортус само во случаи на силување и доколку постои ризик по животот или здравјето на мајката. Новата регулатива ги принудува родителите да раѓаат деца со тешка попреченост и неможност да преживеат.

Откако стапи во сила регулативата, неколку трудници починаа бидејќи одбиле да абортираат во болница и покрај опасноста по нивните животи. Многу лекари не се сигурни, бидејќи поддржувањето на абортусот е исто така кривично дело. Во март 2023 година, активистка беше осудена за првпат за помагање и поттикнување абортус, бидејќи и го испратила своето апче за абортус на бремена жена. Во Полска, овие таблети не се достапни во аптеките.

Тензии со соседна Украина

Полската влада долго време се гордееше со помошта што и ја пружа на Украина. Односот меѓу двете земји никогаш не бил лесен, но со оглед на руската закана, имаше голем бран на солидарност и единство. По руската инвазија, милиони Украинци избегаа преку граница и денес околу 1,2 милиони украински бегалци живеат во Полска. Покрај тоа, Полска беше една од првите земји што обезбеди воена помош за Украина и ги покани западните партнери на НАТО да испорачаат оружје.

Сега, сепак, се појавија сериозни пукнатини во тоа пријателство. Полска, на пример, самоиницијативно го продолжи ембаргото на ЕУ за украинските житарки - за да ги добие важните гласови на полските земјоделци кои протестираа против украинскиот увоз. Со ова ПиП предизвика сериозна вознемиреност кај соседите.

И во многу други области може да бидат потребни години за да се сменат реформите на ПиП и да се врати либералната демократија со слободно судство и слободни медиуми. Но, ако ПиП повторно победи на изборите на 15 октомври, многу либерални Полјаци стравуваат дека лидерот на партијата Качински би можел да продолжи со реструктуирање на државата, медиумите и општеството. паг/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан