• среда, 18 декември 2024

Годинашните денови за донирање собраа повеќе од три милиони денари

Годинашните денови за донирање собраа повеќе од три милиони денари

16 декември 2024 

На завршниот настан на овогодинешната кампања „Денови за донирање“ се прославија достигнувањата и учеството на повеќе од 3.000 граѓани и компании во активности во рамки на кои беше донирана вредност во износ од над 3.000.000,00 (три милиони) денари. Донациите сѐ уште се пребројуваат, а поддршката и средствата се наменети за граѓански организации со значајно влијание.

Со кампањата се поддржува и донаторскиот фонд на Конект кој годинава доделува грантови на четири организации посветени на создавање позитивни промени и подобрување на животот на граѓаните:
• „Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва“, нашите волонтери- херои кои ги заштитија нашите шуми од катастрофалните штети на дивите пожари без соодветни алатки или заштитна облека;
• Организацијата „Палиум“, оние кои даваат специјална грижа, помагала и поддршка на семејствата чии членови се борат со рак;
• „ИМКА Битола“, младинската асоцијација која работи на едукацијата и активирање на младите луѓе; и
• „Отворете ги прозорците“, организација со центар за развојот на децата со попреченост со помош на технологија.

Завршниот настан „Добротворниот Новогодишен Базар“, ги здружи граѓаните членовите на заедницата, локалните социјални претпријатија и занаетчии како и дарежливите донатори, нагласувајќи го духот на дарувањето и неговото значајно влијание. Во текот на денот, присутните донираа преку купените подароци (рачни изработки, органски производи, модни додатоци итн) произведени на одржлив начин и со социјална мисија.

„Благодарни сме на сите кои ги поддржаа „Деновите за донирање“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект, „овој настан е доказ за великодушноста и љубезноста на нашите граѓани. Благодарение на колективните напори на толку многу поединци, ние сме во состојба значително да придонесеме за организациите кои даваат непроценлив придонес во нашето општество. Ја изразувам мојата благодарност до сите кои го овозможија овој настан - нашите донатори, волонтери и поддржувачи. Заедно, создаваме трајни промени и среќна сум поради сѐ она што можеме да го постигнеме во иднина.“

На дел од присутните кои дадоа свој придонес во реализацијата на оваа кампања, им беа доделени признанија за придонес во кампањата и градењето на филантропската култура во земјата. Настанот e организиран во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од здружението „Конект“, a во партнерство со „ЕЦНЛ“, „Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија“, „Индиго“ и „Американската стопанска комора во Северна Македонија“.

Кампања „Денови за донирање“

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан