• четврток, 26 декември 2024

Годинава 21-во издание на фестивалот „Есенски музички свечености“

Годинава 21-во издание на фестивалот „Есенски музички свечености“
Скопје, 2 ноември 2020 (МИА) - Годинава по 21-ви пат ќе се одржи традиционалниот фестивал „Есенски музички свечености“, најави Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Годинешното издание на фестивалот ќе биде посветено на домашните уметници, а ќе се одржи согласно здравствените протоколи за спроведување на мерките за заштита од КОВИД-19. Во програмата која Дирекцијата за култура и уметност на Скопје ја има подготвено планирани се настапи на државните институции, како и повеќе камерни концерти. Од Дирекцијата соопштија дека целосната реализација на програмата сепак ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во државата и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи. Затоа, програмата ќе биде сукцесивно и навремено објавувана во текот на месец ноември. Официјалното отворање на „Есенски музички свечености 2020“ ќе биде одбележано со Гала оперскиот концерт на Националната Опера и Балет на 4 ноември со почеток во 20:00 часот. На концертот ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Следниот настан кој е најавен е концертот на Гордана Јосифова Неделковска – обоа, со гостите Влатко Стефановски – гитара, Страшо Темков – флејта Елена Атанасовска – Ивановска – пијано и Инес Неделковска – пијано. Концертот ќе се одржи на 6 ноември, во салонот на Националната Опера и Балет, со почеток во 20:00 часот. Покровители на настанот е Министерството за култура и Град Скопје, со поддршка од Националната Опера и Балет, Филхармонијата, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Домот на АРМ и уметниците кои се бидат дел од „Есенски музички свечености 2020“.бт/са/

Остани поврзан