• петок, 13 февруари 2026

Годинава и лицата со оштетен слух ќе може да уживаат во песните на Евровизија

Годинава и лицата со оштетен слух ќе може да уживаат во песните на Евровизија

Виена, 22 јануари  2026 (МИА) - Песните на Евровизија, која годинава се одржува во Виена, ќе бидат достапни и за глувите и наглувите лица преку интерпретација на меѓународен знаковен јазик. За таа цел, толкувачи уметници ќе ги преведуваат песните, но и ќе ги изведуваат како посебни сценски перформанси.

Неодамна во Виена беше организиран специјален избор на кој се претставија кандидатите за улогата на толкувачи изведувачи. Од вкупно 13 пријавени, ќе биде избрана група што за време на натпреварот во мај ќе ги интерпретира песните на одделни земји. Овој начин на изведба беше воведен уште 2015 година од страна на австриската телевизија ОРФ по победата на австриската претставничка Кончита Вурст, со цел Евровизија да стане подостапна за сите гледачи.

„Пред настапите на самото натпреварување избраните толкувачи ќе учествуваат на дополнителни работилници посветени на уметничкиот израз и телесното изразување“, соопштија надлежните во Виена. Организаторите нагласуваат дека перформансот на знаковен јазик не подразбира само буквален превод на текстот, туку целосна сценска изведба на песната, во која значајна улога имаат мимиката, движењата и танцот. мв/јт/

Фото: ВИ 

Остани поврзан